На 30 септември и 1 октомври, во Велес се одржа единаесеттото издание на Vigor Barmen Cup, култното коктел натпреварување кое ја доближува коктел културата до широката публика. Натпреварот се одржа во категоријата „класика“ и првото место го освои охриѓанецот Даниел Новиќ со неговиот коктел „Фантазија“.

Второто место му припадна на коктелот „Дип парпл“ подготвен од Ванчо Стојанов од Гевгелија, а третото место го освои уште еден охриѓанец Љупчо Јаковлески со коктелот „Sour Cherry Cheese Cake“. За најатрактивен коктел беше прогласен „Dirty Lemonade“ на Мартин Петрушевски, а најдобрата стручна работа беше доделена на Никола Стојмановиќ, за коктелот „Baby on the way“.

Подготовката на коктелите се одвиваше под будното око на трите члена од стручното жири. Иван Гавраниќ, бренд менаџер на Бадел 1862 Хрватска, Марио Мајцен, повеќекратен хрватски шампион во флер категорија, и Анте Жиго, основач на Сплитското здружение на бармени, внимателно ги оценуваа вкусот, бојата, изгледот на коктелот, како и претпазливоста и стручноста на мајсторите при подготовката.

За време на натпреварувањето публиката имаше можност да ги дегустира подготвените коктели. Водителот Сашко Коцев, освен што беше задолжен да ги бодри натпреварувачите и да ги забавува гостите, одлучи и самиот тој да ги испроба своите способности за подготовка на коктел.

Vigor Barmen Cup повеќе од 10 години по ред интензивно работи на подигнувањето на коктел културата во Македонија на врвно ниво. Секое ново издание на овој значаен настан е одлична можност за бармените да научат нова техника, нов рецепт, или пак да се истакнат со своите врвни мајстории и способности.

OhridNews