Охриѓанецот Спирко Топаловски ги обвинува властите за двојни аршини, селективна правда и урбанистички хаос, поради што тој веќе 12 години не може да изгради дом за своето шестчлено семејство на имот од неговата мајка во населбата Рача. Властите не му даваат дозвола со образложение дека нема соодветен пристапен пат од булеварот, за каква се води сообраќајницата од Св. Стефан до Охрид, но пред се затоа што  местото на неговото семејство се’ уште не е урбанизирано. Поради тоа тој е приморан со своите четири деца и натаму да живее во стан од 35 квадрати.

Татко ми почина пред 12 години, а јас од тогаш молам за план за да направам куќа, затоа што живеам во семејство со четири деца во никакви услови. Во градот е башибозук, гради кој што сака дури и на туѓи места, нормално за огромни профити, планови се менуваат секој месец – два, згради никнуваат насекаде. Мене ми велат не можеш да градиш затоа што немаш дозвола и таму нема план. Во ред, нема да градам. Како план има за куќите на видни охриѓани во непосредна близина на мојот имот? – прашува Топаловски.

Топаловски од надлежните добил сугестии за пристап до сопствената локација да не користи влез од булеварот, туку да го користи неизградениот пат за Шипокно. Но соседите не му дозволиле пристап.

Треба општината да ми обзбеди пат до моето место преку соодветна постапка или експропријација на имот. Јас тоа не можам да го направам. Се согласив дури и да отстапам дел од имотот само да добијам пат, но не наидов на разбирање. Ме боли тоа што цела Рача влегува и излегува од булеварот, а јас не можам. – додава Топаловски.

Топаловски тврди дека сака да изгради дом за своето семејство како на фотографијата

Спирко Топаловски вели дека случајот ќе го тера до крај и ќе бара правда за своето семејство. Ги контактирал надлежните во Општина Охрид, од каде му било кажано дека се чека на изготвување урбанистички план за ова подрачје.

Јас им велам со четири деца живеам во 35 квадрати, тие ми велат купи си стан. – истакнува Топаловски.

Топаловски тврди дека на локацијата сака да гради семејна куќа, а не деловен објект. Без одобрение направил ограда и потпорен ѕид, но само, како што вели, да ја превенира опасноста од лизгање на земјиштето.

OhridNews