Наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис „Новите!“, на конкурсот што традиционално го распишува Издавачката куќа Темплум од Скопје, годинава ја доби охриѓанката Ениз Хилми за збирката раскази „Градот што не го засакав на прва“.
Станува збор за мемоар, односно патописна проза која гравитира меѓу „утописката“ потрага по загубениот југословенски простор и западниот сенс за организирање на времето и просторот, односно животот. Текстот го слави космополитскиот дух на големите градови, Берлин во случајов, каде свој дом изминативе години нашле повеќе од милион доселеници од речиси сите земји на светот. Токму во тој модерен хронотоп на отворената широкоумна метропола нашата авторка стапнува во трагите на бившата ЈУ-република. Тоа воедно ѝ овозможува да направи културолошки рез меѓу западната отворена култура и интернационална заедница, и тукашната балканска, посттранзициски заробена култура. – стои во образложението на жирито во состав: Наташа Атанасова, Елена Митреска и Стефан Алијевиќ, за наградата „Новите!“ во 2024 година, пренесува специјализираниот портал „Окно“.
Во книгата „Градот што не го засакав на прва“ преовладува чувство на носталгија без желба да се спречат промените, да се запре времето. Тоа го нагласува и авторката во поговорот на книгата во кој го открива мотивот за пишувањето на нејзините „берлински раскази“ потикнати од нејзините чести патувања на релација Охрид – Берлин и личните животни искуства .
Поттикот за пишување на овие „берлински раскази“ е поврзан со моите чести и долги престои во Берлин. Одушевеноста ми растеше со секое патување во тој град создаден по човечка мерка, вистински отворен, кој ги почитува и развива различностите, вели во поговорот за своите раскази Ениз Хилми.
Иако се со примеси на фикција расказите се еден скромен обид да се документира личен микро свет во град за кој што воодушевувањето беше толку големо што мораше и да се запише, посочува Ениз.
Балкански приказни со берлински предзнак или берлински приказни низ балканска призма, сместени во еден широк временски интервал од почетокот на милениумот до денес, додава наградата авторка.
Конкурсот за најдобар прозен дебитантски ракопис „Новите!“, издавачката куќа Темплум го распишува по 19 пат, а покровител е Комерцијална банка Скопје.
Г.М.