Оливер Андреевски и Елисавета Булоска која има потекло од Охрид се годинешните зет и невеста на јубилејното 60-то издание на манифестацијата Галичка свадба, која ќе се одржи од 14-ти до 16-ти јули.
По објавениот конкурс за избор на невеста и зет на Галичка свадба 2023 година, советот на МЗГ го избра среќниот пар. Овогодишен зeт е Оливер Андреевски, со потекло од галичката фамилија Шулески, долгогодишен учесник на галичка свадба како и дел од организацијата на повеќе настани во Галичник, додека невестата е Елисавета Булоска со потекло од Охрид. Парот ги исполнува сите потребни услови за учество во галичката свадба, велат од МЗ Галичик.
Додаваат дека е објавена и програмата за годинешното јубилејно издание на Галичката свадба во рамки на која следи во петок, 14 јули, целовечерен концерт на групата Фолтин, а во сабота вечерта почнуваат сите обичаи поврзани со Галичката свадба кои продолжуваат во недела.
Повелете, придружете ни се во славењето на љубовта! Благодарност до нашите партнери чија помош и поддршка овозможува живот на ова живо културно наследство, порачуваат од МЗ.
Инаку, манифестацијата „Галичка свадба“ со своето опстојување придонесува да се негуваат единствените свадбарски обичаи и ритуали, на жителите од овој крај, да се сочуваат изворните песни, ора, и надалеку познатата галичка носија изработена со филигрантска прецизност и точност на терзиите.
OhridNews