Oхриѓани денес имаа можност да се потсетат на Гоце Жура, основоположникот и втемелувач на теренските истражувања на пештерските цркви во Охридско-преспанскиот регион како и активен истражувач на постоечки и новооткриени сакрални објекти во Охрид. Со своето присуство на настанот што се одржа во спомен-куќата на Христо Узунов му оддадоа почит за непроценливиот придонес кон науката и афирмацијата на нашето културно-историско наследство и православната црковна историја.

Настанот по повод петгодишнината од упокојувањето на Гоце Жура беше во организација на д-р Гордана Ангеличин-Жура и Горан Митрески, историчар кустос, во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид. За ликот и делото на Гоце Жура говореа археологот Паско Кузман, историчарот на уметност Јорданка Матова, директорот на НУБ „Григор Прличев“ Охрид м-р Милчо Јованоски и проф. Д-р Климент Наумов, доцент при Факултетот за туризам и угостителство-Охрид.

Ќерката на Гоце Жура, д-р Гордана Ангеличин-Жура вели идејата била да се соберат сите охриѓани и да споменат за се што има Гоце Жура придонесено за Охрид, но и младите идни генерации да  бидат во тек, да го продолжат делото, не само негово, туку и на сите заслужни охриѓани во областа на науката, историјата, културата.

Сите го знаат како еден лик, научник, пасиониран човек за историското наследство, основоположник на истражувањата на пештерските цркви во Охридско-преспанскиот регион. Целиот свој живот го даде за науката и навистина со љубов го работеше тоа и многу сакаше наредните генерации да бидат свесни на кое тло чекорат, колку сме опркужени со црковна историја и колку е богато нашето културно-историско наследство.

Потенцираше дека како наследник на неговите авторски права стои на располаѓање на сите кои имаат идеи во насока на зачувувување на ликот и делото на Жура и се надева дека ова чествување ќе прерасне во традиција.

Археологот Паско Кузман во своето излаѓање се задржа накратко на живот на Жура, но најмногу на неговата стручна работа односно неговите стручни резултати изразени во книги.

Беше многу чуден во позитивна смисла. Имавме и јавни несогласувања, но никогаш не бевме непријатели, секогаш бевме пријатели. Охрид има силна и голема традиција со многу познати личности, охриѓани, историски и од сите профили. Се надевам и за Гоце Жура понатаму ќе се создаваат услови за паметење. Јас и дадов веќе предлог на неговата ќерка да направи собрани дела. Ако ги собере сите негови досега објавени трудови по медиумите и плус во книгите веќе има два три тома и на тој начин се продолжува паметењето за тие заслужни луѓе за Охрид. Тоа важи за сите, рече Кузман.

Историчарот на уметност Јорданка Матова се потсети на гимназиските денови со Жура, но и студенски денови посочувајќи дека со Жура биле првата генерација историчари на уметност.

Гоце беше еден прекрасен харизматичен човек што остави зад себе големи дела. Имам преубави спомени со него, теренски истражувања. Бевме многу поврзани, секогаш знаев што пишува, знаеше тој јас што пишувам. Си дававме еден на друг голема поддршка за работа. Ова е нашата истотија, култура и секогаш треба да даваме значење на вакви настани, затоа што оставаме дела зад нас. Гоце остави над 20 книги историја од 14, 15 до 20 век. Тој ги проучи пештерните цркви во Охрид и околината. Тоа е од одгромно значење, не само за Гоце, за сите ние што пишуваме и оставаме дела зад нас, потенцираше Матова.

Проф. Д-р Климент Наумов, доцент при Факултетот за туризам и угостителство-Охрид рече дека за него Гоце Жура претставал непресушна испирација и извор на вистина драгоцени информации и го насочил логички, трезвено и систематски да размислува. Потенцира дека бил од пресудно и суштинско значење во неговото градење како еден интелектуалец.

Гоце Ангеличин-Жура остави еден многу длабок печат на Охрид, на охриѓани, на Македонија, на целиот регион, пред се поради неговата љубов која ја имаше кон културното наследство, кон историјата на уметноста. Тој успеа да ги евидентира и ситематизира сите пештерни цркви во Охрид и охридско, на Преспанско Езеро, без разлика дали се наоѓале во Македонија, Албанија или Грција. Успеа да ја прескокне онаа фамозна бројка од 365 цркви во Охрид, легендата која сите љубиме да ја кажуваме и успеа да евидентира повеќе од 1500 цркви и свети места во Охрид и охридско. Ова е најмалку што сите можеме како еден последен збор да го дадеме за неговиот лик и дело, истакна Наумов.

Гоце Ангеличин Жура почина во 2019 година на 67 годишна возраст. Зад себе остави импресивна библиографија од 20 книги и над 60 научни трудови. Неговите истражувања резултираат со огромна фото документација, драгоцена за идните генерации и науката во целост. Ја заинтригира јавноста за вредностите на средновековната уметност преку бројните јавни настапи и соработка во аудиовизуелни проекти. Поради стручната и научна активност и големите достигнувања, застапен е во Првата македонска енциклопедија.

Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и Повелбата Патрон на градот Св. Климент Охридски во 2007 година.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски