Охриѓани и денеска им оддаваат почит за загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Граѓаните палеа свеќи на градскиот плоштад во чест на починатите во ужасната трагедија.

Во Кочани денеска се погребани триесет и едно лице од 59, колку што загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во неделата рано наутро. Погребната церемонија ја предводеше поглаварот на МПЦ-Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, во сослужение со неколку владици. Погребни церемонии имаше и во Штип, Пробиштип и Облешево во различни периоди. Со починатите се простија членови на нивните семејства, роднини, пријатели, нивни сограѓани…

Членовите на бендот ДНК кои починаа во пожарот беа погребани во Скопје, Струмица и Штип. Пејачот на бендот Андреј Ѓорѓиески, на градските гробишта Бутел, а членката на бендот и професорка на Факултетот за музичка уметност (ФМУ), Сара Пројковска на гробиштата во Лисиче. Погребот на младиот музичар од Струмица, тапанар на бендот, Ѓорѓи Ѓорѓиев е на градските гробишта во Струмица. Во Штип се погребани Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов.

OhridNews