Нов истражувачки центар ќе биде отворен на Универзитетот во Алборг кој треба да ја зајакне позицијата на Данска во квантното поле во светски рамки. Како што пренесуваат данските медиуми со него ќе раководи проф. д-р Петар Поповски, еминентен научник роден во Охрид, кој долги години живее и работи во Данска токму на нови технологии.

Петар Поповски. Фото: OhridNews

Замислете ги нашите сегашни комуникациски мрежи како автопати, а класичните податоци замислете како обични автомобили. Квантната технологија може да се смета како летечки автомобил. Потребно е автопатската инфраструктура да направи скок и да ја поддржи 3D мобилноста.

Вака професорот Петар Поповски се обидува да објасни што ќе придонесе новиот истражувачки центар на Универзитетот во Алборг, на чие чело ќе биде тој.

За оваа цел Универзитетот во Алборг доби 60 милиони дански круни од данската Фондација за основни истражувања за нов Центар за извонредност, кој ќе гарантира дека интернетот и безжичната комуникација можат да поддржуваат идни квантни апликации.

Со нетрпение очекувам да започнам и среќен сум што Универзитетот во Алборг сега ќе придонесе со оваа нова перспектива во рамките на истражувањето на квантното поле, вели Петар Поповски во соопштението за медиумите.

Новиот научен центар ќе обедини повеќе области, а во него ќе бидат ангажирани уште 12 до 16 истражувачи. Идејата е со новиот истражувачки центар Данска да се вклучи во квантната трка со САД и Кина.

Центарот ќе биде отворен на почетокот на 2025 година.

Г.М.

Извор: tv2nord