Двајцата Македонци, Дејан Ангелоски и Александар Кирковски, вчера настапија на највисоката планинска трка на Алпите, скајмаратонот Монте Роса. Тие со време од 7 часа и 29 минути се пласираа на 44-то место во конкуренција на вкупно 167 парови.

Дејан Ангелоски

 

Се работи за високопланинска трка чие прво издание во 1992 година се смета за пионерски чекор во најекстремната форма на планинско трчање – скајранингот. Во поново време се трча во парови од по двајца натпреварувачи и привлекува голем број на планински спортисти од различни земји. Скајмаратонот почнува и завршува во селото Алања Валсесиа на околу 1 000 мнв, а се искачува до врвот Маргарита на 4 554 мнв на масивот Монте Роса, совладувајќи растојание од 35 километри и искачување од 3 500 висински метри по суров терен, информираше Александар Кирковски.

За охриѓанецот Ангелоски и Кирковски ова е второ учество на Монте Роса скајмаратон, а овој пат го подобрија својот резултат за 57 минути во однос на минатогодишниот. Овој спортски потфат е дел од програмата на планинарскиот клуб „Македон“ и Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.

OhridNews
Фото: Архива