Лиценцираниот пливачки тренер и поранешен ватерполист, Томе Камнароски, охриѓанец кој долги години живее и работи во Холандија, по пауза од две и пол години се враќа на најголемата љубов – пливањето. Неодамна тој потпиша договор со холандскиот пливачки клуб „Патрик“ каде ќе биде главен тренер. Камнароски ќе ја извршува и менаџерската функција во клубот кој има 640 пливачи во сите категории.
Имаме пливачи од најмала до најголема возраст, како и триатлонци и спасители на вода. Во клубот пливаат и 8 репрезентативци на Холандија со кои посебно работам на кондиционен план. Исто така ќе работам на изготвување и реализација на програмата за работа на клубот. За мене ова е остварување на детскиот сон и можност за промоција на мојот Охрид каде порнаснав и Македонија, затоа што Холандија е една од најпливачките нации во Европа и светот воопшто, а мојот клуб, со кој соработував и во минатото, е изввонредно професионално поставен, изјави за Охридњуз Камнароски.
Томе Камнароски има 34-годишно тренерско искуство во пливањето. Бил тренер на 40 државни прваци на Холандија. Неговиот син Димитар Камнароски тргна по неговите стапки и се уште е активен на државните натпревари во Холандија на кои има освоено бројни сјајни одличја.
Камнароски ќе има тренерски и менаџерски ангажман и во сестринските клубови на ПК „Патрик“, што само ја потврдува довербата што Охриѓанецот ја има во пливачка Холандија.
Г.М.