На платформата „freetours.com“, турата низ центарот на Виена е прогласена број еден во Европа, додека според бројот на рецензии, број 1 водич, во светски рамки, е Мирко Постоловски, охриѓанец кој повеќе години живее и работи во главниот град на Австрија.
Бев изненаден прво дека ваков ранкинг постои. Се изненадив кога на е-маил ми пристигна известувањето од маркетинг одделот на платформата. Посебно ми е драго ова признание бидејќи доаѓа директно од публиката, како резултат на бројот на гости кои во последната година биле присутни на турите, бројот на резервации, како и бројот на рецензии кои тие ги оставиле на платформата на провајдерот за турите, вели во изјава за Охридњуз, Мирко Постоловски.
Турите кои ги нуди Мирко во голем дел се таканаречени „free walking tours“, слободни тури кои исклучиво се базираат на бакшиш.
Резервацијата за гостите е бесплатна и оди преку споменатите платформи, а по завршувањето на турата секој сам одлучува колкав бакшиш ќе „остави“. Покрај „градските тури“ нудам посети низ музеите во Виена, како „Музејот на историја на уметност“, „Белведере“ итн., истакнува Постоловски.
Чичко Мирко
Покрај на „freetours.com“, Мирко е присутен и на платформата „Guru Walks“, каде неодамна надмина 2000 рецензии.
Како туристички водич во Виена активен е од 2021 година, откако претходно се стекнал со соодветна лиценца која се добива после успешно завршен двегодишен курс и полагање стручни испити.
Интересно е што една од првите тури во Виена ми беше со гости од Македонија кои беа дојдени за ракометното Европско првенство на кое Виена беше домаќин. Потоа следуваше долг период без ангажман поради корона кризата. Со градските тури започнав во јуни 2021 и во изминатите неколку години сум имал гости од целиот свет. Посебно ми се драги македонците кои ме наоѓаат и доаѓаат на моите тури. Не така одамна по извонредниот настап во Виена и Линц мој гостин беше и стендап комичарот Никола Тодороски. Исто така имам и одлична соработка со туристичките агенции “Balkan – Fun” од Скопје и „Вис-Пој“ од Охрид, чии групи годишно неколку пати доаѓаат на екскурзии во Виена. Меѓу професорите на училишните екскурзии често се и мои пријатели од детството, а меѓу учениците деца на мои пријатели. Необично е кога за време на разгледот некој ќе ти се обрати со „чичко Мирко, чичко Мирко“… низ шега раскажува Постоловски.
Виенчани на тура низ Виена
Колку и да звучи чудно доста често на моите тури имам гости од Виена па и од другите делови на Австрија, вели нашиот Мирко.
На моето прашање зошто тура во Виена. Ми одговараат дека каде и да патуваат посетуваат вакви тури, а никогаш не биле во разглед на својата Виена и оти сакаат да го видат градот каде живеат од еден друг агол. За мене тоа е секогаш дополнителен предизвик. На крајот кога се ќе се заврши, ќе ме поздрават и ќе ми се заблагодарат за турата и новите погледи на Виена, тоа ме прави исклучително среќен. Водејќи група во неколку наврати со гостите имавме можност да го сретнеме претседателот на Австрија, Александар Ван дер Белен. Токму фотографијата со група туристи и австрискиот претседател е насловна на мојот профил на специјализираната платформа за туристички водичи.
Секој еден гостин е посебен
Сум имал на турите гости од сите меридијани, европјани, американци, африканци, но ако може така да кажам, покрај гостите од Балканот, мои омилени гости се од Јужна Америка, вели Мирко.
Нивната непосредност, едноставност и пријателска насмевка е непроценлива, а атмосферата на турите со нив е пријатна и опуштена. За некој кој нон стоп има директен контакт со луѓе верувајте тоа е многу важно. Релаксираната атмосфера придонесува за подобро расположение за време на турата, посочува Постоловски.
Турата низ Виена со Мирко трае околу два и пол часа. Се посетуваат најважните знаменитости на градот, палатата Хофбург, Парламентот, Операта, а завршува во центарот на градот кај катедралата Св. Стефан.
За време на турата покрај историските и културните приказни на гостите им давам предлози врз основна на нивните желби, што да посетат и видат за време на нивниот престој во Виена. Дали е тоа летната резиденција „Шонбрун“, галеријата „Белведере“ или некој од градските музеи, куќата на Моцарт, Зигмунд Фројд итн..
Им порачува на сите кои патуваат, во својот план да ги вметнат ваквите тури низ градовите каде престојуваат, така подобро ќе го запознаат местото кое го посетуваат и ќе добијат корисни информации кои ќе им помогнат подобро и поквалитетно да го организираат своето време.
Се „пулиме“ во Виена! – порачува Мирко Постоловски – најдобриот туристички водич на платформата „freetours.com“.
Г. Момироски