Охриѓанецот Ѓорѓи Петровски успешно чекори по патот на музиката, освојувајќи ги светските сцени. И ако почетокот беше токму од музичкото училиште во Охрид, овој млад човек докажува дека со љубов, посветеност и труд се се’ постигнува. Музиката вели нема крај, таа е нешто бесценето, а од врвните светски музички имиња со кои досега имал контакт научил многу за уметноста, за магијата на звукот. Горд е што зачетокот и љубовта кон виолината ги добил токму во својот роден Охрид, а бесконечна и длабока е вели исполнетоста да се свири пред своите охриѓани.
OhridNews: Да се навратиме на почетоците. Кога почувствува за прв пат дека музиката е твојот свет, односно кога се јави љубовта кон виолината?
Ѓ.П.: Од своја рана возраст почувствував дека да се биде секојдневно опкружен со звуци и мелодии ме интригира. Секаков вид на звук ми беше интересен. Од рана возраст се појави желба и љубопитност кон музиката, а потоа таа детска љубопитност се преобрази во свет на можности. Кога сте дете на 7 годишна возраст не размислувате многу, туку едноставно се поведувате по најчистите инстикти и почнувате да го следите тоа чувство и ако тоа ви дава задоволство тогаш почнувате да раснете, да учите. Љубовта кон виолината е најдолга и најчувствителна, бидејќи ми овозможува да созревам, да почуствувам и да откривам. Таа ми овозможи да откријам во себе работи кои можат само да се почувствуваат без да бидат на дофат при рака. Преку виолината осознав дека има нешто и посилно од љубов.
OhridNews: Како се движеше процесот на образование, твоето музичко созревање и надоградување?
Ѓ.П.: Како дете со моите родители влегувајќи низ вратите на основното музичко училиште во Охрид, станав дел од неговиот музички образовен процес. Тоа училиште во Охрид ми довери потполна поддршка, учејќи ме што всушност е нота и дека таа (тие) ноти имаат време и место, за потоа во Скопје во средното музичко училиште и факултетот за музичка уметност да научам дека на тие ноти им треба хармонија. До тој момент научив многу и кога мислев дека тука е мојот највисок дострел продолжив на факултетот за музика во Сарбрикен, Германија, каде сфатив дека музиката нема крај. Таму ги завршив своите мастер студии, а најголемата поука беше дека музиката е нешто бесценето!
OhridNews: Хронолшки ако се навратиме, каде се имаш учествувано, на натпревари, концерти, …?
Ѓ.П.: Имам учествувано на многу интернационални и светски натпревари, но за мене најзначајни кој ми оставиле голем белег во сеќавање се второто место на интернационалниот натпревар “Чита ди Барлета” во Италија во мај 2022 година, учество на интернационалниот натпревар во Торино, Италија октомври 2021 година; учеството на Феликс Менделсон Бартолди во Берлин септември 2021, на кој учество задоа најдобрите виолинисти од сите факултети за музика во Германија, финалист на натпреварот “Валтер Гисекинг” во Сарбрикен, Германија и многу други. Од концертите би ги издвоил рециталот во Елбфилхарнија, гостувањето на Рајнгау фестивалот, концерт на Давос фестивалот, Швајцарија и фестивалот во Тирол, Австрија како концертмајстор, како и концертите во Штутгарт, Мајнц, Ашафенбург, Баден-Баден, Брегенз, Виена, Салзбург, Минхен, Хајделберг, Сарбрикен, Милано. Особена чест ми беше да бидам поканет како гостин-водач на втори виолини за два концерти со Оркестарот на театарот во Шверин, Германија во 2022 година.
OhridNews: Што значат за тебе настапите на светските сцени и секако контактите со врвните музичари?
Ѓ.П.: До сега имав можност да запознаам многу врвни музичари како Томас Кристијан, Густав Кун, Даниел-Милер Шот, Михаел Францис, Јулиан Рахлин и да ја делам сцената со истите. Имав можност да свирам во прекрасни сали низ цел свет како Берлинска филхармонија, Елбфилхармонија, Хановер театар, Шверин театар, Брегенз Фестспилхаус, Салзбург Фестспилхаус… и најголемата светла точка за мене е дека нема нешто што не е недостижно. Секоја сала како на пр. Елбфилхармонија или Берлинска филхармонија е голема подвижна каписла на моите цели. Историја која овие сали ја имаат мене како уметник ми даваат инспирација за се повеќе да творам. За времето поминато со врвните уметници како Гордан Николиќ, од кого само преку збор дознав многу за уметноста, но во опширна смисла на зборот, како слика а не само како звук или Ханс-Петер Хофман од кого научив што е магија на звук, од Јулиан Рахлин што е да се биде на врвот, а сепак да бидеш едноставен, од Давид Гримал дека енергијата е двигател на уметноста и многу други е нешто што денеска сум јас. За тоа сум им бескрајно благодарен.
OhridNews: Колку е тежок патот да се стигне до светските сцени, со оглед дека твоите почетоци се од родниот Охрид, па продолжуваш со образовниот процес во Скопје, потоа во Германија?
Ѓ.П.: Корените се секогаш извор на енергија. Гордоста што сум роден во Охрид и што зачетокот на мојата љубов кон музиката и виолината е токму тука, се темел и непроцениво богатство на се она што понатака го градам и го создавам. Таа желба за создавање на свој музички потпис во светот на музиката го постави патот за да одам надвор од нашите граници. Одлуката како и патот до светските сцени не беше лесен, но желбата и истрајноста беа најголем двигател за успех. Затоа од своја моментална позиција ги охрабрувам сите мои колеги, уметници или од друга професија да бидат одлучни и да не се откажуваат. За секого има место и време да блесне.
OhridNews: Настапуваше на фестивалот Охридско лето во 2020 година. Какво е чувството кога свириш пред домашна публика, пред своите сограѓани?
Ѓ.П.: Не лесно да се објасни тоа чувство како е кога свириш пред домашна публика, а тоа да биде Охрид и своите сограѓани, но би кажал бесконечност и длабока исполнетост. Бесконечност бидејќи тој концерт на фестивалот „Охридско лето“ во 2020 година не сакав да заврши. Во тоа време тоа беше толкава убава енергија од публиката што ретко би ја осетил некаде друго место. Исполнетост бидејќи нема магија што може да ја избрише таа среќа во тој момент која ден денес трае.
OhridNews: Како е да се свири на Галијано виолина која датира од 17ти век која ти беше доделена преку Швајцарската фондација?
Ѓ.П.: Чест и гордост е да се држи инструмент стар 300 години, речиси, фасцинантно. Да се почувствува низ што минал инструментот сите тие години, само имагинацијата за него ти го одзема здивот и дава инспирација! Особена благодарност до швајцарската фондација “Маџини” која ми ја овозможи оваа неизмерна радост и можност да поседувам еден инструмент кој е еден од ретките во светот.
OhridNews: Што е тоа што ја одбележа твојата музичка кариера до сега?
Ѓ.П.: Препознавање на моето досегашно учење и изразување на музиката преку признанија, награди и создавање на својот препознатлив начин на интерпретирање на Бах, Бетовен, Шонберг, Шнитке, Брамс, Шуберт, кој го презентирам, а и понатака ќе го претставувам насекаде низ светот.
OhridNews: Во моментов каде си, што работиш-се подготвуваш за концерт во Виена? Околу новогодишните празници дали имаше некаде настапи?
Ѓ.П.: За предновогодишните празници имав многу ангажмани, но како круна на тие настапи беше концертот во Елбфилхармонија, Германија. Бев дел од програмата на Елбфилхармонија на која концерти имаа врвни светски музичари и јас со свој рецитал концерт насловен “Градот на музиката Виена”, со кој веќе во 2024 година ќе бидам дел од повеќе фестивали. Во моментов се спремам за турнејата во Франција со камерниот оркестар на Манхајм, која започнува од 23ти Јануари на која ќе отсвирам 7 концерти ширум Франција. Веднаш потоа во февруари заедно со синфонискиот оркестар Воралберг имаме 2 концерти во Брегенз, Австрија. Особено задоволство ми е концертот во март во прекрасната Виена, бидејќи тоа е проект насловен “Sei Solo”, кој содржи само соло сонати и партити на Јохан Себастијан Бах кои можам да кажам се Монт Еверест за виолина и веќе неколку пати го промовирав ширум Германија, Австрија и Франција. Но само 2 дена пред овој концерт, ќе имам камерен концерт во Резиденц – Вурцбург, Германија на кој особено се радувам.
OhridNews: Какви ти се плановите во 2024 година?
Ѓ.П.: Имам многу планови за оваа 2024 година. Би сакал оваа година во лето повторно да го организирам мастеркласот кој во ноември 2022-та година го организирав заедно со светски наши и странски уметници во Скопје, но овојпат да биде во Охрид. Мислам дека Охрид е вистинско место за тоа и нуди неизмерни можности. Во мојот репертоар има прекрасна програма со камерна музика која би сакал да ја донесам и претставам на публиката во свој стил. Но, еден од моите најискрени планови е да направам колку што можам посреќни и исполнети лица во публика на кој и да било мој концерт во 2024-та година.
OhridNews: Дали го живееш сонот?
Ѓ.П.: Да бидам искрен сеуште не. Мојот сон никогаш не бил поврзан со сопствениот успех. Музиката е нешто што обединува, повикува, поврзува. Уште како дете сум трагал за заедништво, за кохезија и спокој и некако како логичен след на тоа музиката стана неизбежен дел од таа моја желба и визија. Живееме во време кое можеби е најголем предизвик за човештвото. Можеби изгледа дека нема како поинаку, но има. Секогаш сме го наоѓале патот и сме биле посилни од предходно. Се надевам дека како општество и човекот како единка ќе се воздигне себеси и овој убав свет ќе го направи место на тоа заедништво. Верувам во овој мој сон за кој со задоволство и радост промовирајќи ја и претставувајќи ја музиката, придонесувам секој ден тоа да се оствари.
Н.С.Ј.
фото. Andreas Hoyer