Околу еден тон риба, речна пастрмка, угинала вчера во  рибникот и офроуд на Јованоски во близина на  „Рајска долина” во месноста Речица, кај охридското село Куратица.

Според сопственикот на рибникот, причина за поморот е недостаток на кислород во водата, односно дотур на свежа вода од локалната река, која се користи за производство на електрична енергија.

Ова не е прв пат да се случува ова. Проблемот, според нас, лаички кажано, е тоа што хидроцентралата која се наоѓа на околу петстотини метри од нас, нема автоматска клапна која во случај да снема електрична енергија ќе го запре дотокот кон турбината и ќе ја пренасочи водата во цевка f1000 за да се обезбеди минимум вода во реката од која со вода се снабдува нашиот рибник. Доколку е така никогаш не би останале без вода. Во спротивно треба хидроцентралата да има 24 часовно физичко обезбедување кое навремено ќе реагира во случај на некаков проблем, со што ќе се спречат вакви последици, на што сме укажувале во неколку наврати. – изјави Тони Јованоски од рибникот и оф-оф-роуд „Јованоски“.

Јованоски вели дека рибникот останал без дотур на свежа вода повеќе од еден час, што го предизвикало големиот помор. Само две недели претходно од истите причини во рибникот угинале околу 200 килограми риба.

Над посочената хидроцентрала се гради уште една, посочува Јованоски, поради што од мај наваму до рибникот дотекува каллива вода.

Апелирам да се надминат овие проблеми. Надлежните институции да излезат на терен, да ја согледаат фактичката ситуација и да го решат овој голем еколошки проблем. Ние вложуваме многу во овој рибник, имаме свои планови за развој, но како да го направиме тоа со вакви проблеми кои не се решаваат. – додава Јованоски.

По овластување на јавен обвинител, увид на местото на настанот извршила полициска екипа, а на терен излегол и овластен инспектор кои изготвиле соодветен записник, по кој треба да постапат надлежните институции.

OhridNews