Одлуката за ограничување на пловидбата на моторни пловни објекти на Охридското Езеро, што неодамна ја донесе Министерството за транспорт и врски нема да придонесе да се намали рибокрадството,  тврдат бродските превозници. Според нив ваквата одлука на државата негативно ќе се одрази  на туристичката понуда, со што се загрозува и нивната егзистенција.


-Доколку државата сака да го намали рибокраството, има инструменти и мерки како да го направи тоа со малку поголемо ангажирање, а не тоа да се прави со ограничување на пловидбата, со што всушност се ограничува слободата на движење, вели Васил Алчев, сопственик на брод.


На одлуката реагираат и спортските риболовци. Иако тие го поздравуваат нејзиното донесување, сметаат дека ограничувањето на пловидбата нема да го спречи рибокрадството, ако оваа мерка се однесува само на пловните објекти на моторен погон. Според нив таа мора да се однесува на сите пловни објекти со рачен или машински погон.


Ограничувањето на пловидбата на Охридското Езеро е поделено во две годишни сезони. Од 01. мај до 31. се забранува пловидба во периодот од 21 до 5 часот, додека во периодот од 01. септември до 30. април, пловидбата на чамците  се забранува од 18.00 до 07.00 часот. Во периодот од 10 јули до 20 август ограничувањето на пловидбата се однесува на периодот од 01 до 07 часот. 

Г. Момироски