Граѓаните многу малку знаат за ингеренциите и обврските на градоначалникот и советот, смета Иван Огненов, советник на заминување. Според него во периодот кој претстои медиумите треба повеќе да ги запознаат граѓаните со функционирањето на органите на локалната самоуправа, со цел како што вели, тие да можат да донесат правилна одлука на изборите. Во неговиот допис до медиумите се вели:

„На месец дена сме пред официјалниот почеток на предизборната кампања за избор на органи на локалната самоуправа: градоначалник и совет. Толку време не дели од периодот на постојани атакувања за одлуката кому ќе му дадеме доверба да не води и да ги троши парите во наше име во следните четири години. Ќе има информации, дезинформации, силни ветувања, вистинити и лажни, пофалби и клевети и сето зачинето со докази, докасчиња и „докази“.
    
Во секојдневниот говор , за добро информиран човек, какви што верувам дека се најголем број од моите сограѓани, честопати велиме „шетан“, што значи дека видел свет, собрал искуство, знае! Тие ќе анализираат, ќе проценуваат, ќе мерат – и по својот суд и совест ќе одлучуваат. Објективната процена пак, од своја страна, станува се потешка и потешка. Еве  зошто.

Саморекламерите и вешти пропагатори се здобиваат со огромна моќ на убедување користејќи ги механизмите на современата комуникациска технологија, па пласирајќи лажни успеси и конструирани клевети, ја создаваат посакуваната слика во очите на гласачот.
    
Голема улога може да одиграат информативните гласила во разрешувањето на оваа „квадратура на кругот“. Покрај власта и невладиниот сектор, тие може многу да помогнат за информираноста. Да може граѓанинот да сознае дека, ако компирите ги мериме со килограми, млекото со литри, должините со метри, тогаш политичарите се мерат со остварувањето на ветувањата, со обврската кон својот даден предизборен збор.
    
Треба да им кажеме дека секој во нашава општина издвојува по околу 200 евра годишно во буџетот што го предлага и троши Градоначалникот, а го донесува Советот. Дека сега буџетот е десетина пати поголем отколку пред децентрализацијата. Дека секој има право да добие одговор за секое прашање, предлог или иницијатива дадена до Градоначалникот, дека секој има право, по цена на материјалните трошоци (хартијата!) да добие информација од сите надлежности на општината: од урбанистички планови и развојни програми, до потрошени средства за секоја намена, вклучувајќи ги и платите  на функционерите; потоа, кој е надлежен за законитоста во работата на општинските органи и администрација, за функционирањето на инспекциите … и се останато, и уште бројни права кои, за жал и чудење, не ги користиме!
    
Апелирам, во следниов месец, информативните гласила нарочно внимание да обрнат на ваквото информирање, за да бидеме што е можно повеќе „шетани“, а не „изрешетани“ со лажни пропаганди. Да знаеме како ќе ја избереме локалната власт по своја мерка“, смета Иван Огненов еден од поактивните членови на Советот – орган од чии одлуки во голема мера зависи работата на локалната амоуправа.

Ohridnews