За време на еден голем пожар во фабрика за преработка на пластични маси во унгарското место Кистарц дошло до настанување на редок феномен познат како „огнено торнадо“. Оваа појава може да настане само под одредени услови, а се појавува на тој начин што се формира вертикален воздушен столб, кој по правило се издвојува од остатокот на огнената стихија. Најчесто се јавува кај шумските пожари, достигнува висина од 10 до 50 метри, со неколку метри во пречник и трае до неколку минути.
Во одредени случаи биле забележани како достигнуваат висина и до еден километар. Најсмртоносно огнено торнадо било она кое се појавило за време на големиот земјотрес во Канто, Јапонија, кое успеало за само 15 минути да однесе 38 илјади животи. Во пожарот во Унгарија немало човечки жртви, но била причинета огромна материјална штета и биле изгорени објекти на површина од 400 метри квадратни. Околу 70 пожарникари успешно го скротиле пожарот, кој избил бо 8 часот ноќта, од засега непознати причини, и лесно се проширил во фабриката со лесно запаливи материјали.