Нови 1.000 млади лица годинава може да стекнат пракса во компаниите кои ќе се пријават за учество во Програмата за практикантство, а со тоа да добијат и можност за вработување. Програмата ја спроведува Агенцијата за вработување од 2009 година, а досега од потпишани 1.400 договори вкупно се вработени 1.070 лица. Учествуваат компании од разни сектори, но најчесто од услужниот, производство, правни и сметководствени бироа.
Во тек е нова постапка, односно веќе е распишан оглас за сите приватни компании што сакаат и имаат можност да учествуваат во Програмата за практикантство.
– Ова е одлична можност за невработените млади лица, за оние кои имаат завршено средно и високо образование да се стекнат со практична работа и со искуство во реални услови кај приватните компании. Исто така, да даваат се од себе, да го покажат својот максимум и побрзо и полесно да се стекнат со работен однос. Истовремено оваа мерка за практикантство претставува одлична можност за приватните компании да најдат соодветен кадар, да ги обучат практикантите и сите оние кои ќе покажат интерес и ќе се покажат во работата како амбициозни млади луѓе потоа да се вработат, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов .
За годинава се одвоени 18.600.000 денари. Компаниите кои се заинтересирани да учествуваат може да се пријават на неколкуте огласи што ќе бидат објавени, а со цел да се реализира бројката од вкупно илјада практиканти.
Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Попоски порача и до младите и до компаниите да изразат интерес за учество во програмата и оти Агенцијата ќе направи спојување на тие две групи, а на 20 дена ќе се прави пресек на поднесените барања и ќе склучува договори.
Во програмата учествуваат компании од разни профили, а најчесто од осигурителните и здравствените услуги, производство, правни и сметководствени бироа. Стартуваше во 2010 година во Скопје, а од 2011 на целата територија. Обезбедува тримесечна практична работа на невработените млади лица со завршено и високо образование при што Агенцијата за вработување финансира 6.200 денари месечно со платен персонален данок и осигурување при повреда при работа, со тоа што компаниите немаат никаква обврска во однос на задржување на одреден број од практикантите.
OhridNews