Една огладнета панда слегла од блиските планини и провалила на една фарма во Кина во потрага за храна. Националната кинеска телевизија известила дека пандата била пронајдена во местото каде се чувале свињите, јадејќи една од нив. Претходно била забележана на полето во кинеската област Сандонг, а се верува дека слегла од блиските планини.


Откако добро се заситила, пандата мирно си отишла. Иако спаѓаат во месојадни животни, џиновските панди обично се хранат со бамбус, но јадат и мед, јајца, риба, портокали и банани. Научниците веруваат дека околу 1600 панди живеат во дивината во Кина, а најмногу во планините во југозападниот дел на земјата. Оваа загрозена врста во Кина се смета за национална маскота.