Со погодок во судиското продолжение екипата на Воска со 3-2 го совлада лидерот на табелата Лакочереј во 13-та рунда од Општинската фудбалска лига.


Побрз од последниот судиски свиреж беше Тарун Абдула, кој најдобро се снајде во мешаницата фудбалери во казнетиот простор и ја погоди мрежата за голема победа.


Претходно, домаќините имаа предност од 2-0 со двата голови на Љупчо Далчев, но истиот фудбалер не успеа да реализира удар од белата точка.


Водечкиот тим на табелата преку Дарко Матески, кој во два наврати го матираше голманот на Воска од слободни удари стигна до егал. Сепак, гостите на крајот потклекнаа и  „Грашница“ ја напуштија со наведнати глави.


Со трите бодови фудбалерите на Воска стигнаа до 26-от сезонава и им го загрозија првото место на фудбалерите од Лакочереј.

Мх.П.