Медицинските лица единствено констатирале смрт, а при извршениот преглед, по телото и главата на починатиот биле забележани повреди. Веднаш потоа е информиран СВР Охрид, од каде вешти лица, заедно со Заменик Јавен Обвинител и надлежен Истражен судија извршиле увид на местото кое се наоѓа во близина на зградата на Македонски пошти, во центарот на градот, од каде што е подигнато телото. Исто така преземени се оперативни мерки за целосно расчистување на настанот, при што е утврдено дека му претходеле вербални и физички пресметки на ул.„Партизанска“, во и пред ноќниот клуб „Хавана“.
Според досегашните оперативни сознанија, заради банални причини, внатре во клубот, најпрвин настанала вербална расправија и тепачка помеѓу неколкумина српски државјани. Веднаш потоа инволвираните се симнале пред клубот и продолжиле, а таму еден од сопствениците, препознал свој пријател и се вмешал во тепачката. Истиот бил нападнат од спротивната страна по што се вмешале и други лица, а сега починатиот и неговиот пријател Г.П. се обиделе да избегаат. Во тепачката Г.П. се стекнал со телесни повреди во пределот на главата и телото и откако му е пружена медицинска помош, истиот е пуштен од болница. Исто така на телесни повреди се има пожалено и сопственикот на клубот М.К. кој е повикан во полиција.
Покрај сопственикот, на разговор во СВР Охрид се повикани 30-тина лица, а со наредба на Истражен судија се подигнати и одземени компјутерите од локалот за проверка на евентуални записи од безбедносните видео-камери. Телото на починатиот е предадено на обдукција, но засега нема потврда за причините поради кои настанала смртта.
Според обдуцентите ќе биде потребно дополнително време за извршување на неопходните хистолошки анализи на срцето кои би ги потврдиле сомненијата зошто престанало да работи, бидејќи од првично направениот преглед повредите на главата не биле животозагрозувачки. СВР Охрид трага по еден српски државјанин кој учествувал во тепачката со сега починатиот, но и по уште неколку лица, македонски државјани, за кои постојат индиции дека биле инволвирани.
Министерство за внатрешни работи