Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива, Христијан Мицковски, Зијадин Села и Африм Гаши, вчера на средба постигнале договор за соработка на претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври, објавија партиите во заедничко соопштение. За деталите за соработката ќе се договараат општинските организации на трите партии.

Тема на ова средба беа претстојните локални избори и можноста за опозициска соработка помеѓу овие партии, при што како главен мотив беше посочена борбата против корупцијата и криминалот застапени во општините раководени од СДСМ-ДУИ. Тројцата претседатели констатираа дека водејќи се од извештајот на Транспаренси Интернешенл, според кој Македонија е рангирана на историско најлошото 111 место, станува неминовна опозициската соработка, со цел единиците на локалната самоуправа да бидат ослободени од корупциското владеење, од нетранспарентното трошење на пари и од злоупотреба на власта на СДСМ и ДУИ на сите нивоа на државната управа, информираа во соопштението трите партии.

Локалните избори, што повторно ќе се одржат со протоколи за заштита од ширење на Ковид-19, се закажани за 17 октомври. Вториот круг од изборите треба да се одржи на 30 октомври. Изборната кампања за првиот круг на изборите започнува на 27 септември на полноќ и завршува на 15 октомври на полноќ.

OhridNews