Стекнување на практични вештини и соодветно професионално искуство пред да излезат на пазарот на труд ќе имаат можност да добијат учениците во рамки на Центарот за кариера кој денеска беше отворен во Општинскиот електро-машински училишен центар „Св. Наум Охридски“ во Охрид. Отварањето на центарот е дел од проект на Младинската мрежа за стекнување вештини за вработување, финансирана од Американската агенција за меѓународен развој УСАИД.
-Тука, заедно со наставниците и претставниците на Агенцијата за вработување учениците ќе можат да добиваат информации и услуги поврзани со пазарот на трудот на локално и национално ниво, вработувањето и самовработувањето, како и стекнувањето и искуство на работно место уште додека се во училиште. Привлекувањето инвеститори и отворањето на нови работни места, бара и соодветно квалификувана работна сила. Токму поради таквите потреби, драгоцена ни е оваа поддршка со отворањето на Центарот за кариера, рече Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.
Тој се надева дека капацитетите и можностите на Центарот ќе бидат рационално искористени и дека со тоа ќе се придонесе за забрзан економски развој на Охрид и поблиската околина.
Директорот на Секторот за демократија во Мисијата на УСАИД во Република Македонија, Мајкл Стиватер истакна дека досега преку оваа програма се обучени 155 наставници во 49 средни училишта.
–Овие наставници им даваат поддршка на учениците во истражувањето на сопствените афинитети и интереси, во дефинирањето на сопствените аспирации и во подобрувањето на сопствените вредности, рече Стиватер.
Со отворањето на Центарот за кариера, Електро- машинскиот училишен центар „Св. Наум Охридски“, како што рече директорот Јане Цаноски, станува средиште на воведувањето на проверени позитивни практики, кои ќе ги следат трендовите на пазарот на трудот и според тие потреби ќе обучуваат кадри кои побрзо ќе доаѓаат до работно место.
OhridNews