Со пригодна свеченост ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ кој го носи името на големиот светител, просветител и Чудотворец, го одбележа патрониот празник и 58 години од постоењето.

Името на нашето училиште го носи споменот на големиот просветител, светител и човек кој со своето дело ги осветли патиштата на образованието, културата и духовноста. Свети Наум Охридски, како дел од Охридската книжевна школа, остави траен белег во историјата на нашиот народ и создаде основа за иднината на словенската писменост. Како училиште, ние сме горди што го носиме неговото име, име кое симболизира знаење, мудрост и напредок. Наша мисија е да ги следиме неговите идеали и да создадеме генерации млади луѓе кои ќе бидат подготвени да го носат духот на иновацијата и хуманоста во современиот свет, истакна на свеченоста директорот Сашо Недески.

Треба да сме подготвени за предизвиците на новото време. Индустрија 5.0, СТЕМ образованието и вештачката интелегенција се тие предизвици со кои треба да се соочуваме и нивната скорешна примена во образованието е неизбежна, додаде Недески.

Вештачката интелигенција има потенцијал да го трансформира образованието преку подобрување на учењето, персонализација на наставните методи и автоматизација на административните задачи. Таа може да создаде индивидуални наставни планови врз основа на способностите, интересите и напредокот на ученикот. На пример платформи како Duolingo и Khan Academy користат вештачка интелегенција за да го прилагодат темпото и содржината на учењето. Исто така вештачката интелегенција може да создава интерактивни содржини, симулации и виртуелни училници за поефикасно учење, истакна Недески.

Тој посочи дека со поддршка на Градоначалникот, локалната самоуправа и Министерството за образование и наука, значително се подобрени и унапредени условите за престој и учење во Центарот кол полека прераснува во модерен обучен центар за целиот југозападен регион на формалното, но и на неформалното образование за обука и преквалификација на возрасните.

Настанот беше збогатен со рецитал, музичка програма, а беше промовирана и химната на училиште по текст од ученици. Музиката и аранжманот на училишната химна е  на композиторот Димче Китрозоски.

На свеченоста беа доделени и награди за најуспешните ученици освоени на меѓународни, државни, регионални и спортски натпревари. За континуирана работа од 30 години им беа доделени благодарници на професорката Билјана Попоска и психологот Ангелина Филкоска Соколовиќ, а професорката Олга Трендафилоска доби честитки за пензионирањето.

По повод патрониот празник учениците од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ подготвија изложба од ликовни творби.

Фото галерија:

 

Г.М.
Фото/видео: ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“