Светската економија, попречена од високите каматни стапки, инфлацијата и руската војна против Украина, ќе постигне скромен раст оваа година, а уште послаб раст во 2023 година, соопшти Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Според новата прогноза на ОЕЦД објавена денеска, светската економија годинава ќе порасне за само 3,1 отсто, што е остар пад од 5,9 отсто во 2021 година.
Според ОЕЦД, следната година растот на светската економија ќе биде уште послаб и ќе изнесува 2,2 отсто.
ОЕЦД, кој има 38 земји членки, предвидува дека САД, најголемата светска економија, годинава ќе забележи раст од само 1,8 отсто, што е голем пад од минатогодишните 5,9 отсто. Американската економија ќе порасне за само 0,5 отсто во 2023 година, а еден отсто во 2024 година.
Не е подобра ниту прогнозата за еврозоната, која е погодена од енергетската криза поради руската војна во Украина, па така ОЕЦД предвидува дека ќе оствари раст од 0,5 отсто во 2023 година и 1,4 отсто во 2024 година.
Во однос на инфлацијата, ОЕЦД предвидува дека таа ќе продолжи да има значително влијание врз европската економија. Инфлацијата годинава се очекува да биде 8,3 отсто, што е голем скок од ланските 2,6 отсто. Во следната година, според ОЕЦД, инфлацијата ќе изнесува 6,8 отсто.
Кинеската економија, која неодамна имаше двоцифрен годишен раст, годинава ќе се прошири за само 3,3 отсто, а во 2023 година за 4,6 отсто.
OhridNews