Одземената риба oд незаконит риболов или друг прекршок согласно Законот за рибарство и аквакултура или друг закон, по извршен преглед во ЈНУ „Хидробилошки завод “- Охрид се предава во КПУ „Затвор“ Охрид. Пронајдената рибата која дава знаци на живот се враќа во водите на Охридското Езеро од страна на полициските службеници и референтите од Државниот инспекторат за земјоделство, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Посочува дека полициските службеници во случај на незаконит риболов, во соодветна процедура ја одземаат пронајдената риба, за што се составува записник, а на лицето за кое има основи на сомневање дека е сторител на кривично дело или прекршок му се издава потврда за одземање на рибата и риболовниот алат во која детално се опишува настанот, видот и количината на риба.
Одземените риби кои потекнуваат од кривично дело или прекршок со потврда за предавање на привремено одземени предмети се предаваат на КПУ „Затвор“ Охрид. Претходно рибите се прегледуваат од страна на стручно лице од Хидобиолошкиот институт кој утврдува за кој вид на риба се работи и во каква состојба е истата, вели Димоски.
Езерската полиција има полни раце работа. Минатата година запленета е речиси двојно повеќе риба во однос на 2023 година.
Во текот на 2024 година од страна на службениците од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ и Државниот инспекторат за земјоделство Охрид, пронајдени се и одземени вкупно 4 113 парчиња риба, односно 572,55 кг разновидна риба (не вклучувајќи ја рибата грунец и плашица во парчиња која се пресметува во килограми). Во 2023 година се пронајдени вкупно: 2 638 парчиња риба односно 390,98 кг разновидна риба, додава Димоски.
Рибократсвото е најприсутно за време на мрестот на рибата, вели Димоски. Охридската пастрмка (зимска форма, пештанска и струшка) се мрести од 15 октомври до 31 март, охридска пастрмка (летница) од 1 јуни до 31 август, охридска белвица од 15 октомври до 31 март, крапот од 1 април до 30 јуни, клено од 1 мај до 31 мај…
Н.С.Ј.