Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања по неколкучасовна расправа на седницата што заврши рано изутринава го прифати барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот премиер и министер за одбрана Владо Бучковски, потврди за МИА претседателката на Комисијата Светлана Јакимовска.
За одземање на имунитетот на Бучковски гласале шест члена на Комисијата.
Непосредно пред изјаснувањето реагираа пратенците на СДСМ со процедурални забелешки дека на гласање не се ставени и предлозите што тие ги поднесоа.
Одземањето на пратеничкиот имунитет го побара истражен судија по поднесената кривична пријава од Финансиската полиција против Бучковски за злоупотреба на службената положба и овластување при набавка на резервни делови за армиските тенкови Т-55 добиени како донација од Бугарија во 2001 година, при што била причинета штета од околу три милиони евра на Буџетот на Република Македонија.
Бучковски кој присуствуваше на седницата рече дека станува збор за политичка хајка против него чија цел е тој како главен сведок на одбраната да се оневозможи да сведочи кон крајот на месецов на судењето на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски во Хашкиот трибунал. Тој вели дека се работи за истата кривична пријава од 2002 година која тогаш била одбиена од Јавното обвинителство. Се пожали дека бесправно бил задржан 15 минути во полициската станица на граничниот премин Богородица при враќањето од Грција каде што бил на одмор. Тврди дека Финансиската полиција воопшто не го повикала на информативен разговор и оти со него за овој случај на 17 август раговарале само претставници на МВР. Бучковски рече дека ќе соработува во истрагата и оти е подготвен доброволно да даде исказ пред истражен судија.
Во негова одбрана застанаа членовите на Комисијата од опозицијата, кои обвинија за непочитување на собранискиот Деловник. Претставниците на партиите од власта, пак, излегоа со став дека целата процедура е според законите. Пратеничката група на СДСМ најави дека со потписи на 20 парламентарци денеска ќе побара итна седница на Собранието на која би се расправало за овој случај.
Комисијата има обврска да го извести Судот за донесената одлука. Со тоа според Уставот и Деловникот за работа на Собранието завршуваат нејзините обврски. Натамошните дејствија ги презема Судот.
Освен за Бучковски, Финансиската полиција поднесе кривична пријава и против Митре Петковски, управител на АД МЗТ ФОП Скопје, на кого истражен судија му одреди притвор од 30 дена.
Со пријавата Бучковски и Петковски се товарат за сторени кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување, за злоупотребени и незаконски присвоени буџетски средства од Министерството за одбрана, кои се однесуваат на Договорот за купопродажба бр.214/И, склучен на ден 15.11.2001 година, меѓу Министерството за одбрана и АД МЗТ ФОП Скопје за извршена набавка на резервни делови за трансмисија за Тенк Т-55, по кој основ Министерството за одбрана му должело на АД МЗТ ФОП Скопје.
Тие се осомничени дека незаконски извршиле префрлање на паричните средства на жиро сметка на друга фирма со која Министерството за одбрана немало должничко-доверителски односи, ниту бил склучен договор за цесија, ниту пак учествувала во судскиот спор како тужител, со што си овозможиле значителна имотна корист за себе, а воедно за истиот износ причиниле штета на државниот буџет од околу три милиони евра. Финансиската полиција тврди Петковски во повеќе наврати фиктивно, без основ, ги подигал парите во поединечни износи, со цел да ги присвојат тој и Бучковски.
За истото дело беше приведен и поранешниот началник на ГШ на АРМ Медоти Стамболиски, кој од вчера е во 30-дневен притвор.