За пет години, колку што постои, ODW ELEKTRIK Македонија постави високи стандарди во работењето, што освен врвна технологија и производи чија крајна дестинација се најпознатите автомобилски брендови во светот, донесе и долгорочни перспективи за граѓаните од Охридско-струшкиот регион. Плановите на компанијата која работи во ТИРЗ Струга-Охрид се амбициозни. Во тек е изградба на уште еден производствен капацитет, што ќе отвори стотици нови работни места. Ја посетивме фабриката на ODW ELEKTRIK Македонија, за одблиску да се запознаеме со работата и плановите на оваа светски успешна компанија која во моментов вработува близу петстотини лица, најголемиот дел од нив од овој крај.

ODW ELEKTRIK е германска компанија која произведува електрични инсталации за многу од познатите автомобилски брендови, како на пример Mercedes, Porsche, BMW, Audi, Volkswagen, Ford, Fiat и Opel, како и иновативен партнер за развој и снабдувач на квалитетни кабли, соленоиди и мехатронички системи. Денес ODW ELEKTRIK развива и произведува производи со врвен квалитет на пет локации (Германија, Унгарија, Украина, Македонија и Мексико) со персонал од над 2.500 вработени, со оптимални услови за задоволување на високите стандарди на своите клиенти.

ODW ELEKTRIK Македонија е 100% фирма ќерка на ODW ELEKTRIK GmbH од Steinau, Германија, со производи кои се извезуваат низ Германија и Европа. Основана е 2014 година во Охрид (Brown Field). Стартува со сериско производство во септември 2014 година во изнајмена хала во Охрид, со вкупна површина од 1.600 м2 и 10 вработени. Од април 2017 година, ODW ELEKTRIK продолжува со работа во Технолошко Индустриско Развојната Зона (ТИРЗ) Струга, во целосно ново-проектиран и изграден објект по свои потреби (Green Field), со вкупна површина од 4.500 м².

Во овој момент ODW ELEKTRIK работи со полн капацитет со окoлу 450 вработени, а до крајот на годинава се очекува вкупниот број на вработени да надмине 550 лица. Се планира и проширување на производството на компанијата, чија приоритетна дејност е производство на електрична и електронска опрема за моторни возила.

Во моментов е започната втората инвестициона фаза, кадешто се планира дуплирање на производната површина со нови дополнителни 4.500 м2 и повеќе милионска инвестиција во најсовремена опрема за производство. По заокружувањето на втората фаза на инвестицијата, ODW ELEKTRIK ќе има објект со 9.000 м2, 1.000 вработени и вкупна инвестиција од над 15. милиони евра. – информираат од ODW ELEKTRIK Македонија.

Компанијата планира и зголемување на бројот на вработени, од различни профили. За дел од нив не е потребно посебно предзнаење.

Во моментов ODW ELEKTRIK има отворен конкурс за сетери и за работници на производна лента. За работници на производна лента не е потребно никакво посебно образование или искуство, бидејќи сите обуки ги извршуваме ние во компанијата. За позиција сетер очекуваме кандидати со техничко образование или барем техничко искуство. – истакнуваат од компанијата.

Платите кои ги нуди ODW ELEKTRIK се над македонскиот просек, квалитетни, со редовна исплата и со почитување на сите права и обврски од страна на вработените и работодавачот, велат од компанијата. Се нудат и додатоци на плата кои се определуваат за посебните услови при работа, додатоци за редовност, квалитет, ноќна работа, бонус одлуки за исплата на работна успешност, К15, бесплатен превоз за сите вработени и топол оброк во просториите на фабриката. Воедно ODW ELEKTRIK за сите своите вработени обезбедува бесплатно приватно здравствено осигурување кое го покрива болничкото лекување во сите приватни болници во Македонија до 3.000 евра годишно по вработен.

ODW ELEKTRIK во иднина планира да работи со зголемено производство. Со растот на продуктивноста на трудот и квалитетот на производството ќе растат и платите, пред се на квалификуваните кадри. ODW ELEKTRIK обрнува посебно внимание на техничките квалификации на апликантите, овозможува до-обука и до-квалификација внатре во фирмата и при надворешни институции надвор од Македонија. Покрај еконмските интереси на претпријатието, ODW ELEKTRIK е посебно заинтереисиран за локалниот економски развој и давање долгорочна перспектива на луѓето од Охридско – Струшкиот регион.

Заинтересираните кандидати за кои личниот развој, континуираното учење и напредокот во кариерата им се дел од главните атрибути за работа а воедно и сакаат да бидат дел од тимот на ODW ELEKTRIK, потребно е да ја испратат својата кратка биографија на адресата за аплицирање: [email protected] – посочуваат од компанијата.

Во насока на профилирање на потребната работна сила ODW ELEKTRIK, во соработка со Амбасадата на Република Германија и претставништвото на Германската стопанска комора во Македонија, учествува во проектот за воведување на дуално образование во Република Македонија. Оваа учебна година, во соработка со ЕМУЦ од Охрид, завршува првата паралелка по програмата за дуално образование во Охрид, кадешто е вклучен и ODW ELEKTRIK.

Освен нашиот и ангажманот на партнерските фирми на полето на дуалното образование, би сакале да им порачаме на сите млади луѓе повеќе да обрнат внимание на техничките струки. Во последниве 10 години се изградија многу нови фабрики во Македонија, што од корен го промени пазарот на работна сила и ја зголеми побарувачката на технички кадри многу-кратно. – потенцираат од ODW ELEKTRIK.

ODW ELEKTRIK Македонија има амбициозни планови поврзани со идното работење. Освен зголемувањето на физичкиот обем на прозиводство и постигнувањето на вкупната бројка од 1.000 вработени, компанијата забрзано инвестира во современи технологии.

Секоја нова линија е опремена со најсовремена технологија, со секој нов производ се усвојуваат дополнителни компетенции, знаења и вештини. По завршувањето на инвестициониот циклус за заокружување на физичкото производство, се планира и инвестирање во останати компетенции, продуктен менаџмент, инженеринг и оптимизација на производните процеси, како и развој и усовршување на самите производи. Динамиката и опсегот на овие инвестиции ќе зависат пред се од брзината на усвојувањето на техничко-технолошките вештини од страна на нашиот кадар. – велат од ODW ELEKTRIK Македонија.

OhridNews