ODW ELEKTRIK во целост ги постигна сите свои квалитативни и квантитативни цели коишто беа поставени со одлуката за инвестиција и бизнис планот. Она што особено не радува е дека квалитетот на производството во Македонија во целост ги задоволува строгите меѓународни стандарди, вели во разговор за OhridNews, Огнен Цубалевски – Директор на ODW ELEKTRIK, што го водевме по повод пет години успешна работа на компанијата во Македонија. Во него се осврнуваме на идните планови на ODW ELEKTRIK во Македонија, состојбата на пазарот на трудот и потребата од реформи во образованието кои ќе ги следат потребите на бизнисот.

ON: Како дојде до идејата „ODW ELEKTRIK“ да отвори фабрика во Македонија и како истата се реализира?

Огнен Цубалевски: Во 2014 година ODW ELEKTRIK имаше потреба од зголемување на своите производни капацитети. Следејќи ја таа потреба, компанијата направи длабинско снимање на Србија, Романија, Бугарија, Молдавија и Белорусијa. По деталните анализи, се покажа дека Република Македонија нуди далеку најповолни услови за стански инвестиции, по што и се тргна со основање на фирма во Македонија, што се случи на 26.06.2014 година. Пет години подоцна, можам да кажам дека искуството е многу позитивно, ODW ELEKTRIK ЕЛЕКТРИК успеа да ги постигне сите свои квалитативни и квантитативни цели.

ON: Почнавте со браунфилд инвестиција (инвестиција во постоечки објект), па следеше гринфилд (изградивте сопствен објект) во ТИРЗ Струга, каде во моментов „ODW ELEKTRIK “ ја реализира втората фаза на својот производствен капацитет. Како се одвиваше развојот на компанијата во Македонија, дали се течеше според плановите?

Огнен Цубалевски: Фирмата започна со своето производство во септември 2014 година во изнајмен објект од 1.600 м2 на улица 15 Корпус 113A, во Охрид. Се почна скромно, со 10 вработени и 1 производна линија; но веќе на 31.12.2014 година фирмата броеше 25 вработени.
Втората производна линија беше инсталирана пролетта 2015 година, додека кон крајот на годината вкупниот број на вработени достигна 80 луѓе.

Во 2016 година веќе се надмина бројката од 100 вработени и интензивно се работеше на градба на сопствен објект со вкупна површина од 4.500 м2, во ТИРЗ Струга, кадешто фирмата се пресели во пролетта 2017 година. Кон крајот на 2017 година ODW ELEKTRIK ЕЛЕКТРИК ја надмина бројката од 300 вработени.
Во моментов се работи на втората фаза на објектот во ТИРЗ Струга, со којашто ODW ELEKTRIK ќе постигне вкупна површина од 9.000 м2.

Генерално, целиот процес на основање на производен погон во Македонија тече според планот, нашата компанија во целост ги постигна сите свои квалитативни и квантитативни цели коишто беа поставени со одлуката за инвестиција и бизнис планот. Она што особено не радува е дека квалитетот на производството во Македонија во целост ги задоволува строгите меѓународни IATF16949 стандарди. Освен квалитетот, и покрај тоа што ODW ELEKTRIK во Македонија е присутен само нецели 5 години, работењето на компанијата во ниту еден показател не заостанува зад работењето на останатите компании во групацијата ODW ELEKTRIK.

Сите овие резултати нема да беа возможни без ангажманот, посветеноста и мотивацијата на сите вработени во ODW ELEKTRIK.

ON: Што произведува „ODW ELEKTRIK“ во ТИРЗ Струга, каква технологија применува?

Огнен Цубалевски: ODW ELEKTRIK произведува (конфекционира) кабли исклучиво за автомобилската индустрија. Основен производ се т.н. belt-mider кабли, односно кабли што се вградуваат во сигурносните појаси на возилото. Овие кабли ја имаат функцијата на потсетување на патниците дека треба да ги врзат своите сигурносни појаси и со тоа значително влијаат на минимизирање на несаканите последици во случај на автомобилска несреќа.

Освен овие кабли, во ODW ELEKTRIK се произведуваат и кабли со вградени термални елементи, за греење на ветробранското стакло и со тоа овозможување непречена работа на сигурносните камери.

ON: Колку вработени има „ODW ELEKTRIK“, дали ќе се зголеми нивниот број, каков профил на работници и требаат на компанијата?

Огнен Цубалевски: Во моментов ODW ELEKTRIK има околу 450 вработени, до крајот на годината тој број ќе надмине 500 вработени. Ветувањето кон Република Македонија дека ODW ELEKTRIK ќе вработи 1.000 лица ќе се исполни неколку години по завршувањето на втората хала од производниот погон. Точниот датум во моментов е неможо да се предвиди, бидејќи истиот ќе зависи не само од ODW ELEKTRIK, туку и од општата состојба на светскиот пазар на автомобили.

Во однос на профилот на вработени, за најголемиот дел не се бара никаква посебна квалификација или пак образование. Од техничките струки, ние имаме постојано отворен конкурс за инженери (пред се машински, мехатроника и роботика) но даваме шанса и на сите останати технички стуки, како и на талентирани поединци што немале можност за техничко образование.

Генерално, при вработувањето многу внимаваме на домашното воспитание и карактерот на нашите идни колеги, додека знаењата и вештините што им се потребни можат да ги научат за време на обуката на своето ново работно место.

ON: Колку образовниот систем тука ги следи потребите на бизнисот, потребни ли се некакви измени?

Огнен Цубалевски: Во образовниот систем се неопходни коренити измени. Неоходно е зголемено форсирање на техничките занимања на сметка на општествените науки, општо подигнување на стандардите и квалитетот на образованието и прекинување со праксата на хипер-продукција на академски образовани граѓани, коишто многу малку или пак скоро воопшто не ги задоволуваат академските стандарди.

ON: Каков импакт на регионот има отворањето на производствен капацитет на „ODW ELEKTRIK“. Дали и колку компанијата е поврзана со локалната економија, дали постои можност за соработка со овдешните компании?

Огнен Цубалевски: За сите можни локални набавки, ODW ELEKTRIK се снабдува од македонски фирми, со предимство дадено на фирмите од Охридско-струшкиот регион.

Во основното производство немаме соработка со ниту една Македонска фирма, од проста причина што се’ уште немаме сретнато фирма што може да ги задоволи очекувањата на автомобилската индустрија и на IATF16949 стандардите. Понатаму, типичните македонски фирми се мали (мерено по светски стандарди) и им недостасува волумен на производство што ќе овозможи инвестиции во современи технологии и постигнување на конкурентна цена.

Од друга страна, благодарение на веќе направените странски инвестиции во Македонија во последниве 10 години, почнува да се креира критична маса на техничко знаење и искуство. Верувам дека овие македонски инженери, техничари и работници во иднина ќе креираат свои фирми или ќе влезат во партнерство со други реномирани домашни или странски фирми, за да понудат локален производ што ќе ги задоволи сите светски стандарди за квалитет и конкурентност.

ON: Како ќе ги опишете првите пет години на „ODW ELEKTRIK Македонија“?

Огнен Цубалевски: Првите пет години на ODW ELEKTRIK во Македонија беа одбележани со работа – работа – работа – работа и работа. Благодарение на интензивната работа фирмата створи квалитетно и лојално семејство на наши вработени, голем круг на локални пријателства и односи, а се здоби и со голема доверба кај нашите деловни партнери и заедницата.

ON: Какви се развојните планови на компанијата?

Огнен Цубалевски: Компанијата ќе се развива на две полиња. На првото поле ќе се оди кон зголемување на физичкиот обем на производството и достигнување на вкупниот борј вработени на 1.000. На второто поле, ODW ELEKTRIK ќе инвестира и понатаму во најсовремена технологија и автоматизација на производните процеси. Сето тоа ќе биде можно само со понатамошен развој и унапредување на нашите работници, коишто ќе го достигнат нивото да можат да работат и управуваат и со најсовремените машини и опрема. Јасно комуницирана политика ни е да створиме кадар којшто ќе може без никаков проблем да работи во било која фабрика во светот – но да сака и со задоволство да остане да работи во ODW ELEKTRIK Македонија.

ON: „ODW ELEKTRIK денеска го одбележа јубилејот 5 години работа во Македонија“. По тој повод компанијата организираше прослава за сите вработени и нивните семејства во кругот на фабриката. Пет години е мал, но убав јубилеј. Како гледате на овој момент?

Огнен Цубалевски: Нашиот сон е да изградиме во Македонија фабрика до врвни германски вредности. Нашиот сон е да изградиме претпријатие кое ќе биде најдобро во Македонија. Изградивме тим на посветени колеги коишто ја разбираат својата работа, тим што е во состојба да ги следи и исполнува најстрогите стандарди на автомобилската индустрија. Сето ова нема да беше можно без довербата и поддршката што ја добивме од раководството од Германија.

Фото галерија:

На прославата по повод 5-годишниот јубилеј на ODW во Македонија, присуствуваа  членови на Управата и сопствениците на фирмата од Германија. Поздравен говор одржаа директорот Огнен Цубалевски, Мартин Ехрет, Директор на ODW групата и Станислава Здравеска, вработена од првиот ден во ОДВ во Македонија. Прославата беше збогатена со културно-забавна програма.

Г.М.
Фото: А. Момироска