10 години ОДВ Електрик
Пред десет години започна со реализација една убава идеја со само десет вработени, која денес брои 1000. Ова беше истакнато на прославата по повод десетгодишнината од почнувањето со работа на ОДВ Електрик во Македонија, што се одржа синоќа во индустриската зона Струга – Охрид, на која присуствуваа бројни гости. Меѓу нив беа сопствениците и раководителите на ОДВ Електрик Андреа, Матијас и Александар Мед, генералниот директор на компанијата Мартин Ехрет, директорката на Германската стопанската комора во Македонија Антје Вандет, директорот на ОДВ Електрик Македонија Огнен Цубалевски, вработени, пријатели, деловни партнери и соработници.
Свеченоста што се одржа во дворот на фабриката започна со врачување на плакети на Јулија Ристеска, Горица Голабоска, Елизабета Матеска, Катерина Божиноски, Наташа Јанческа, Билјана Малческа и Анета Јанческа, кои работат во фабриката од нејзините почетоци и заедно со компанијата ја креираат и градат успешната приказна на ОДВ Електрик во Македонија.
Во нивно име пред присутните се обрати Билјана Малческа пренесувајќи го своето позитивно работно искуство, осврнувајќи се на можностите за кариера и напредок.
Како тим од седум вработени дојдовме од различни области без никакво работно искуство во автомобилската индустрија. Започнавме како оператори на производна линија, но, со нашата посветеност и упорност, желба да научиме и да се стекнеме со знаење бевме испратени на обука во Украина за подоцна да го пренесеме истото на нашите колеги. Во 2017 година станав водич на работна група, а сега сум дел од тимот за човечки ресурси каде ја имам можноста која ми претставува и најголема мотивација, а тоа е да ја прикажам сликата на нашата фирма преку одржување воведна обука на новите вработени. Благодарение на политиката што ја води нашата компанија им се овозможува напредок и усовршување во работата на секој еден од нас, рече Малческа.
Директорката на Германската стопанската комора во Македонија, Антје Вандет, искажа огромно задоволство што е присутна на прославата на 10 годишнинатата на ОДВ Електрик во Македонија.
Во име на германската Стопанска комора во Македонија и Германско македонската бизнис асоцијација DMWW, би сакала да изразам благодарност и да упатам признание до директорот Огнен Цубалевски и неговиот тим за нивната голема посветеност во изминатите 10 години. Имав голема среќа што дојдов во Македонија пред една година како германски деловен делегат. Велам среќа зошто ми се даде можноста да ги запознам и да ги поддржувам германските компании, како на пример ОДВ, кои произведуваат висококвалитетни производи за германската автомобилска индустрија, рече Вандет посочувајќи дека успешната десетгодишна приказна на ОДВ во Македонија е животно дело на Цубалевски, обликувано со неговите вредности, страста која ја вложува во водењето на компанијата и грижата за вработените.
Генералниот директор на ОДВ Електрик, Мартин Ехрет, се наврати на почетоците на ОДВ Електрик во Македонија кога, како што посочи, била изнајмена постоечка хала, реновирана и прилагодена за производство, со адаптиран дел за администрација, по што започна и вработувањето на првите работници.
Искуството што го имавме при поставување на погони во Унгарија и Украина ни помогна брзо и ефикасно да креираме процедури и процеси и многу брзо да започнеме со производство на првите производи. Новите колеги беа обучувани во фабриката во Украина, за тоа време се инсталираше производствена опрема и системи. Со многу посветеност, производството на DBS4 започна во зимата 2014 година. На крајот на таа година веќе имаше 20 вработени во ОДВ. Првата серија на производи беше испорачана во јануари 2015 година. За почетоците во Македонија посебно се заслужни Лудвиг Батон, Огнен Цубалевски и Кристијан Мајер, како и Михаел Трауд од фабриката во Украина. Во 2015 и 2016 година ја изградивме првата хала овде во Струга и работната сила порасна на 156 луѓе. Тогаш се префрлија и производтсвените капацитети од Охрид овде, истакна Ехрет.
Со текот на годините, потенцираше, нивото на автоматизација постојано се зголемува и се воведоа нови производствени процеси.
Во декември 2018 година компанијата веќе има 315 вработени. Во 2019 година ОДВ Македонија наполни пет години и беше поставен камен темелник за втората хала. Одлично го пребродивме и периодот со короната во 2020, а веќе во 2021 почнавме да придобиваме нови клиенти, да одржуваме работни места и нашите резултати продолжија да се развиваат позитивно додаде Ехрет.
Воедно тој обзнани дека генералниот директор на фабриката во индустриската зона Струга – Охрид, Огнен Цубалевски, на еден од последните состаноци на менаџментот е именуван за управен директор на ОДВ Електрик ДООЕЛ, што, како што посочи, е и награда за целиот персонал.
Директорот на ОДВ Електрик Македонија, Огнен Цубалевски, се осврна на растот и развојот на компанијата изминатата декада.
Кога ќе погледнеме сега околу нас од едно мало погонче што беше адаптирано од нас, имаме една од најсовремените фабрики во Македонија. Имаме 10 000 квадрати фабрика и врвна технологија. Сето тоа без вас вработените немаше да биде можно. Но, дали е само зградата и технологијата тоа што се промени? Јас сум најмногу горд и мислам дека основата на нашиот успех сте вие. Многу од вас се сеќавам кога доаѓавте на интервјуа немавте воопшто индустриско искуство. Сега вие сте едни од најдобрите работници во целата автомобилска индустрија во светот. Тоа го покажува нашиот континуиран квалитет. Основите на нашиот успех се почитта кон секој еден вработен и еднаквите можности за напредок во компанијата за сите вработен, рече во обраќањето пред присутните Цубалевски.
Потенцираше дека успехот на ОДВ Електрик Македонија немаше да биде можен без довербата од сопствениците на компанијата и раководтсвото во Германија.
Ова се први десет години. Верувам дека фабриката на ОДВ Електрик овде ќе постои многу подолг период. Какви ќе бидат наредните десет години зависат од сите нас, додаде Цубалевски.
На свеченоста која беше исполнета со добра забава, вработените и менаџментот на фабриката ОДВ Електрик во зоната Струга – Охрид уживаа во музичките сетови на DJ Jeddy, извонредните изведби на хорот VOX Lychnidos и одличниот настап на Ѓоко Танески.
Фото галерија:
ОДВ Електрик прослави 10 години раст и развој и остварување на сонот за странски инвестиции во Охридско-струшкиот регион
Н.С.Ј.
Фото. А. Момироска