Германската компанија од автомобилската индустрија „ОДВ Електрик“ за две недели ќе почне со изградба на фабрика во индустриската зона помеѓу Охрид и Струга каде најавува инвестиција од 15 милиони евра и отворање 1.000 нови работни места. Договорот за изградба на фабриката го потпишаа денеска во Скопје сопствениците на компанијата Кристијан Вајс и Андреа Мет и извршниот директор Лудвиг Батон со директорот на  Дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо во присуство на премиерот Никола Груевски.

„ОДВ Електрик“ по одлуката за инвестирање во Македонија во април лани на крајот на годината почна со пробно производство во постојни капацитети во Охрид и досега има вработено  130 лица. Плановите се до крајот на годината бројот на вработени да достигне 150 по што ќе следи етапно реализирање на најавените 1.000 нови работни места. Новата фабрика во индустриската зона помеѓу Охрид и Струга според најавите треба да почне со работа кон средината на следната година.

Најзначајно во проектот на „ОДВ електрик“, потенцира Груевски, е планираното етапно отворање на 1.000 работни места, кои се особено значајни за целиот охридско струшки регион и ќе значат нови можности за работа и кариера на многу граѓани од околните градови и помали населени места. – Тоа е нашата примарна цел за која ќе продолжиме напорно да работиме, рече Груевски.

 „ОДВ Електрик“, како што посочи, е уште еден голем европски производител од автомобилската индустрија која ќе изгради своја фабрика во Македонија.  

– Станува збор за семејна компанија со свои капацитети во Германија, Украина, Унгарија, а во наредниот период и во Македонија. Компанијата изработува разни компоненти за автомобили, а со нејзиното присуство во Македонија уште повеќе го зајакнува нашиот имиџ како земја на автомобилската индустрија, рече Груевски.

Извршниот директор на „ОДВ електрик“ Лудвиг Батон информира дека како снабдувач на автомобилски компоненти со средина големина во последните седум години двојно го зголемиле својот обрт и оти за понатамошен развој и им бил потребен дополнителен производствен капацитет во Европа. Во производството во погонот во Охрид се вклучени 130 вработени, ангажирани во три смени, а до крајот на оваа година се очекуваат повеќе од 150 вработени.

– Планот на ОДВ е за две недели отсега да почне со изградбата во слободната индустриска зона Струга -Охрид. Предноста на целиот процес беше во тоа што македонската Влада има создадено организација која точно знае што очекуваат потенцијалните инвеститори и што им е потребно, рече Батон.  

OhridNews