Изминатиов викенд во Охрид се одржа јубилејно Собрание на Националната секција на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) Македонија, по повод 10 години од нејзиното полноправно членство во светското ИПА семејство и 13 години од формирањето на ИПА, оддел Македонија.
На собранието учествувале претседателот Игно Стојков и членови на Управниот одбор на ИПА Македонија, делегати од сите ИПА региони во Македонија како и претседатели и членови на делегации од Албанија, Романија, Бугарија, Грција, Кипар, Хрватска, Словенија и Австрија.
Претседателот на ИПА Охрид, Стефан Димоски ја искористи средбата за нова афирмација на Охрид, ИПА Охрид и Македонија и ги презентираше новите иницијативи и форми за меѓусебна соработка. Притоа, на Димоски, му беа доделени плакети за „одлична соработка и достигнувања на целите и интересите, принципите и репутацијата на Обединетите Нации (ОН) и на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) Македонија”, информира Јована Илкоска, член на Управен одбор на ИПА ОХРИД.
Плакетите, додава Илкоска, му биле врачени од Аднан Имери, претседател на Меѓународната организација за економски развој OIDE, при Организацијата на Обединетите Нации (ООН) и Игно Стојков, претседател на Управниот одбор на ИПА Македонија.
OhridNews