Во рамките на традиционалната манифестација „Прличеви беседи“, во НУ Библиотека „Григор Прличев“ беше одбележана 130-годишнината од објавувањето на книга „Автобиографија“ на Григор Прличев.
„Охридската визита“ започна со изведбата на „1762 лето“ во инструментална изведба на КУД „Ѓердан од бисери“, а извадоци од Прличевата „Автобиографија“ читаше Даријан Ангелоски.
Директорот на Библиотеката, Милчо Јованоски им посака добредојде на присутните во, како што рече, „хармот на книгата“, и направи кус пресек на достигнувањата на установата меѓу двете одбележувања на патронатот.
Да беше тука сега Прличев ќе речеше срцето ми е полно со радост, зошто во неговата Прличева одаја денес се чествува годишнината од неговата смрт, но со радост дека сме го имале и оставил вечен белег во македонската литература. Започнавме пред 72 години токму во тогашната градска Библиотека и од година во година манифестацијата пулсира секоја година, се побогата. Денес е денот кога треба да се воздигнеме и да ги почитуваме достигнувањата на маркантниот Григор Прличев – поет, преродбеник, културен и просветен лидер, беседник и вљубеник во пишаниот збор. Во темнината на историјата на Македонија, Прличев се истакнува со својата грандиозна мисија, која стои врзана во столбовите на нашата култура. Нека Прличевите зборови бидат благословени, бидејќи тие се нашиот водич, светлина и извор на гордост, рече Јованоски.
Беседа за Прличев, под наслов: „Григор Прличев – метонимија на македонската гордост и страдање“, одржа професор д-р Елизабета Шелева.
По тоа беше прогласена добитничката на наградата за најдобра беседа во чест на Прличев за 2024 година, која годинава ѝ припадна на Алма Шемо од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, по потекло од Охрид за беседата „Адет госпоари“.
Беседата на наградената авторка исткаена во вид на поема претставува личен став кон оваа горлива појава меѓу луѓето што се јавува откако постои светот. Притоа се навраќа на мислењето на Прличев за оваа негативна особина и неговата борба против неа и борбата против сите неправди и неприлики меѓу народите. Посочувајќи на неволјите низ кои поминувал авторот низ својот живот го истакнува неговиот широкоглед. Кон различните народи со кои се сретнувал, нивните мислења за него и неговото посочување на националната припадност – Македонец, истакна претседателката на Комисијата, Татјана Дурлева.
Чест и задоволство ми е што годинава јас сум меѓу наградените, рече дваесет годишната авторката Алма Шемо.
Самото дело на Прличев ме инспирираше и мотивираше. Како што и сама наведувам во беседата „Јас не сум достојна да освојам ловоров венец, однсно можам да напишам само збор два, да посветам една прекрасна беседа за нашиот даскал, учител и преродбеник Григор Прличев“. Чуствата за добивањето на наградата се измешани. Неописливи се гордоста и среќата и сето тоа што го внесов во оваа беседа. Благодарност до Конкурсната комисија што ги препозна и ме награди.
Одржани „Прличевите беседи 2024“
Инаку, „Охридската визита“ во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“, финансиски е поддржана од Министерството за култура и од Општина Охрид.
Н.С.Ј.
Фото. Б. Стојаноски