Со шеснаесет точки на дневниот ред, денес се одржа триесет и четвртата седница на Советот на Општина Охрид. Сите точки се однесуваа на предлог измени на програмите за работа на локалната самоуправа, со цел измена и дополнување на буџетот.
Итноста на седницата е можноста да се искористат, а согласно Законот за локална самоуправа и официјалното известување од Министерството за финансии, дополнителни 10 проценти во планирањето на приходи, што изнесува триесет и четири милиони и деветстотини и седумдесет илјади денари. Со донесувањето на овие одклуки, локалната самоуправа ќе покрие дел од тековните обврски кон доверителите, а дел ќе биде поддршка за јавните препријатија, информираат од Општина Охрид.
Од СДСМ со реакција дека поради грубо кршење на Деловникот за работа на Советот на Општина Охрид и постапување спротивно на Статутот на Општината, советниците од СДСМ и коалицијата ја напуштија седницата.
Согласно Статутот, Советот работи на редовни седници. Во зависност од потребите можат да се одржат и свечени и вонредни седници. Денот, времето и местото на одржување на седницата се објавува во локалните средства за јавно информирање најдоцна 7 дена пред одржување на седницата. Во тој рок се доставуваат предлог дневниот ред и материјалите за седницата до советниците. Вонредни седници се одржуваат и во пократок рок за прашања од значење за сигурноста и безбедноста на граѓаните и во случаи на вонредни околности. Советниците известувањето за одржување на седницата го добија во текот на минатиот ден, а ребалансот на Буџетот не претставува ниту прашање од значење за сигурноста и безбедноста на граѓаните, ниту вонредна околност, посочуваат од СДСМ Охрид.
Како советничка група, велат, секогаш се на страната на дискусија, разменување на мислења и соочување со факти.
Но, наша основна обврска и должност претставува почитување на Деловникот за работа на Советот и Статутот на Општина Охрид, додаваат од СДСМ Охрид.
OhridNews