Синоќа во Лос Анџелес беше одржана светската премиера на најочекуваниот филм оваа година. На црвениот тепих позираа сите главни ѕвезди на филмот „Војна на ѕвездите: Будење на силата“. Харисон Форд се појави во друштво на својата сопруга Калистон Флокхарт, а своите поубави половини ги доведоа и Стивен Спилберг, Џорџ Лукас и Џеј Џеј Абрамс. Кери Фишер дојде сама, но со своите лудории ги засени сите на црвениот тепих. Во еден момент даваше интервју, па малку се заборави и неколку пати опцу во преносот во живо.

 

На премиерата се појавија и многу славни личности меѓу кои Софија Вергара, Куба Гудинг Џуниор, Енди Серкис, Лупита Нјонго, Макс вон Сидоу у многу други. Најновото продолжение на филмскиот серијал веќе во претпродажба ги сруши сите рекорди по продажбата на влезници во кино салите во целиот свет, со преку 6,5 милиони заработени долари. А предвидувањата велат дека филмот без проблем би можел да има рекорден викенд со заработка од 200 до 220 милиони долари. Доколку заработи 220 милиони, ќе го сруши рекордот на „Паркот Јура“ од пред само шест месеци со заработка од 209 милиони долари.