Во насока на решавање на проблемот со водата за пиење од градскиот водовод во Струга, кој засега десетици илјади жители, денеска се одржа координативен состанок на претставници од Државниот инспекторат за храна, Регионалниот центар за јавно здравје, ЈП Водовод и МЈП Проаква, како и на градскиот совет и локалната самоуправа. На состанокот било утврдено дека подолг период не постои координација помеѓу надлежните институции задолжени за контрола на квалитетот на водата од јавниот водовод, каде минатата недела беа откриени бактерии опасни по здравјето на луѓето.

Во присуство на овластен инспектор за храна и претставник на Регионалниот центар за јавно здравје од Охрид, денеска, земени се нови примероци на вода од градскиот водовод во Струга, откако анализите напревени минатата недела покажале присуство на колиформни бактерии како ешерихија коли и други. Исто така тогаш било утврдено дека во водата од градскиот водовод нема хлор, што беше потврдено од ЈП Водовод Струга, кое во меѓувреме ги набавило потребните хемикалии за прочистување на системот, што било констатирано при денешната инспекциска контрола.

Врз основа на резултатите од минатонеделната анализа овластениот инспектор за храна донел решение за забрана за употреба на водата од градскиот водовод во Струга. Од ЈП Водовод тврдат дека е извршено потребното прочистување на градскиот водовод и дека водата сега е безбедна за користење. Надлежните институции за контрола на квалитетот на водата за пиење, пак, велат дека тоа ќе се утврди откако ќе бидат готови резултатите од анализата на примероците земени од струшкиот водовод, кои ќе бидат познати утре, или најдоцна задутре, како и дека до тогаш останува на сила претходно донесената одлука.

Граѓаните се револтирани од односот на надлежните институции, бидејќи, како што велат, нив никој не ги известил дека има проблем со водата за пиење од градскиот водовод. Незадоволство изразија и невладини организации кои најавија протести доколку не се реши проблемот со водата за пиење во Струга.

OhridNews