Раскош, гламур и убавина на едно место. Вака накратко може да се опише спектакуларната годишна ревија на Викторија Сикрет, која синоќа беше одржана во Њујорк, по повод 20 години од постоењето на познатиот моден бренд за долна облека. Во блескави креации, со неизбежните крилја, по пистата продефилираа најубавите манекенки на денешнината, познатите „Ангели на Викторија Сикрет“.
Меѓу нив беа Адријана Лима, Алесандра Амбросио, Кендис Свонпул, Шанина Шајк, Изабел Гулар и многу други. Сексипилната Лили Олдриџ го носеше скапоцениот градник вреден два милиони долари, украсен со осумнаесеткаратно злато, опточен со 6500 мали дијаманти, сафири и други скапоцени камења. Вниманието на јавноста го привлече и корсетот со Сваровски кристали.