Подготвеноста и координацијата на институциите за заштита и управување со кризни состојби на локално ниво во фокус на состанок на општинскиот Штаб за заштита и спасување кој се одржа денес под раководство на градоначалникот Кирил Пецаков во просториите на Општина Охрид.
На состанокот присуствуваа претставници од Одделението за заштита и спасување и управување со кризи при Општина Охрид, претставници на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, СВР Охрид, Територијалната противпожарна едница, Општинските јавни претпријатија, НП Галичица, ЈП Национални шуми, охридскиот Црвен Крст, Службата за спасување на планина, како и претставници на волонтерски здруженија од Охрид.
Акцент беше ставен и на подготвеноста за заедничко делување за справување со шумски пожари, во однос на екипираност и техничка опрема. Беше побарано да се направи детален попис на расположливи средства и кадар, како и потребите од набавка на нова опрема, информираат од Општина Охрид.
Еден од заклучоците на состанокот беше и иницијативата за реализирање на соодветна обука за справување со пожари, со која би биле опфатени волонтери и вработени во јавните претпријатија.
Целта на оваа обука ќе биде да се обезбеди база на обучени лица на локално ниво, кои би можеле во секое време да одговорат на терен, доколку има потреба. Исто така беше нагласена и потребата од превентивно делување за заштита од пожари, поставување на современа опрема за рана детекција на пожари, како и можноста за поставување на цистерни за вода на критични локации на планината Галичица, посочуваат.
Присутните на состанокот, додаваат од Општина Охрид, се согласија дека ваквите состаноци се многу важни за превентивно делување и согледување на капацитетите, со цел Општината да биде секогаш подготвена за заштита и спасување и справување со можни кризни состојби на локално ниво.
OhridNews