Камења и земја се одронија утрово на патниот правец Скопје – Велес, во близина на наплатната рампа пред Велес, поради што сообраќајот во моментот е во прекин. Центарот за управување со кризи, соопшти дека лавина земја паднала утрово околу 9:15 часот. Одроните на земја биле во должина од 20 до 30 метри.

Како што јавува „Макфакс“, екипи на „Македонија пат“ почнале со расчистување на одронот од околу илјада кубни метри карпи и камења.


Одрон на патот Скопје – Велес, сообраќајот во прекин – фото „Макфакс“

Во моментот на одронот, на тоа место за среќа немало возила, а на патот се затекнала полициска патрола, која го забележала одронот и веднаш го стопирала сообраќајот.

Теренот се расчистува внимателно, бидејќи постои опасност од поткопување на земјиштето и појава на нов одрон. Едната коловозна лента во моментот е расчистена но само за пристап на механизацијата.


Сообраќајот понатаму останува затворен, а сите возила се пренасочуваат на патниот правец кон Свети Николе. Екипи на Македонија пат и полициски екипи будно ја следат состојбата  и очекуваат дека во наредните 5-6 часа ќе ги расчистат остатоците од одронот, но не може да предвидат кога патот ќе биде прооден за сите возила.

Ohridnews
извор: „Макфакс“