Голем одрон од земја и камења се урна во непосредна близина на  манастирот Св. Петка во охридското село Оровник. Свлечиштето,  покрај тоа што урна дел од патот кој води до манастирот,  претставува и потенцијална опасност за црквата и за конаците. Жителите на Оровник стравуваат од нови одрони, бидејќи на повеќе места во близина на свлечишето, се појавиле нови пукнатини во земјата.


Брдото над патот е целото распукано и во секој момент може да се сруши. Новото лизгање на земјиштето што се случи вчера, оштети и дел од ѕидот на манастирската порта. – велат жителите на Оровник. Тие упатија апел до надлежните служби, за побрзо санирање на свлечиштето кое му се заканува на манастирот Св. Петка.


Од Општина Дебрца, под чија што надлежност е селото Оровник, велат дека состојбата со свлечиштето е навистина алармантна.


-Причината за лизгањето на земјиштето е големата влага на земјата, поради обилните врнежи на снег и дожд. Ние како општина ќе ги превземеме сите можни мерки за да се санира свлечиштето со цел да го заштитиме манастирот. Меѓутоа од извршениот увид на лице место нашите служби констатираа дека во моментов не е можно да се презвемат мерки за санација затоа што земјиштето кај одронот е многу влажно и  може да биде потенцијална опасност за екипите кои ќе работат на негова санација. Значи приморани сме да почекаме неколку дена за земјиштето да исуши и за да ги превземеме сите градежни активности за санација.-вели Љупчо Којчиноски, градоначалник на Општина Дебрца.


Манастирот Св. Петка е одалечен околу 1,5 километри од селото Оровник. Жителите од сопствени средства и донации го уредувале овој манастир, за кој постои верување дека помага на жените кои немаат деца. Во манстирот од неговото осветување постои „Појас“, кој го носат жените кои не можат да имаат пород. До денес многу жени го добиле своето чедо благодарение на овој Свет Појас.

Е.Е.