Неставањето на „Прличевите беседи“ и Охридскиот театар во Националната програма на Министерството за култура како и смената на директорот на „Центарот за култура – Охрид“ Горан Стојаноски без никакво образложение, претставуваат културен и политички скандал.
Ова на одбележувањето на 114 годишнината од смртта на Прличев, го изјави градоначалникот на Охрид Александар Петрески.
Во острата реакција, Петрески рече дека државата, не издвоила ниту денар за „Прличевите беседи“ и го обвини Министерството за култура дека средствата од Националната програма ги распределува по етнички клуч.
“Ние поголем поет во современата македонска историја од Григор Прличев немаме, и кога за Прличев државата не издвојува ни денар, тоа може да го сметате за скандал. Ако се земе во предвид дека Охридскиот театар се возобнови после 50-на години и државатa не издвојува средства за него, а парите одат за театарот во Тетово, или не знам каде, можете да заклучите дека онаму каде што има министер од албанскиот блок таму ги насочуваат парите, додека Охрид е заборавен“, рече Петрески.
За ова како и за случувањата околу спортската сала локалната ќе го информирам евроамбасадорот Ерван Фуере и претставниците на меѓународната заедница во земјава, најави Петрески.
Петрески рече дека директорот на Центарот за култура во Охрид, Горан Стојаноски, е сменет без никакво образложение и без знаење на градоначалникот, што според него зборува дека децентрализацијата во културата сеуште е на нула.
Петрески рече дека општината ќе го преземе финансирањето на „Прличевите беседи“ и Градскиот театар, и најави изградба на споменик на Григор Прличев во центарот на градот.