Во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид од печат излезе стихозбирката „Одминато време“ од Наум Трајчески, кој претходно има издадено уште неколку книги со проза и поезија. Писателот Трајчески е роден во Издеглавје, село во општината Дебарца, но од 1977 година постојано живее и работи во Австралија. Напуштањето на родниот крај и животот во туѓина се присутни како тема и во неговото творештво.

Во предговорот кон најновата книга од Трајчески, писателот Тоде Илиевски пишува: „Во неа можат да се препознаат знаци на изминатите творечки периоди на нашиот писател, односно присутни се темите кои му станаа омилени на Трајчески: напуштањето на родниот крај (татковината), животот во новата средина (втората татковина) и сонот за враќањето во родниот крај. Значи сретнуваме теми, кои се видливо надополнети со неколку нови, меѓу нив и љубовта и минливоста на животот.“

Покрај Илиевски, во уредувањето на книгата учествуваше уште Мишо Јузмески кој воедно се погрижи и за изгледот на корицата. Наскоро книгата ќе биде претставена пред пошироката читателска публика.

OhridNews