И покрај забраната за градба во летната туристичка сезона, градежните компании си тераат по старо. Наместо да ги затворат и заштитат градилиштата тие градат. Некои изведуваат поситни, некои покрупни зафати, а неретко тоа се прави и во строгиот центар, што остава лош впечаток кај туристите, реагираат охриѓани.
Вчера сообраќајот на една од најпрометните улици во центарот – „Партизанска“, кај старата автобуска станица беше во застој извесно време поради тоа што камион со арматури не можеше да изврши дотур во градилиште.
Туристите и граѓаните кои заглавија во колоната позади камионот кој не можеше да изманеврира заради паркираните возила, револтирано негодуваа. Тие укажуваат дека ваква слика не му доликува на туристички град и упатија апел до локалната самоуправа да ги почитува одлуките кои самата ги носи.
Имено, со одлука на Советот на општината донесена уште на 20.03.2007.година (објавена во СЛ. Гласник бр.3/07) која е насловена како ОДЛУКА ЗА ЗАБРАНА ЗА ИЗВЕДУВАЊЕ ГРАДЕЖНИ РАБОТИ, децидно е наведено дека се забранува изведување градежни работи на подрачјето на општина Охрид на просторот под „Туристичка“ од Билјанини извори до Далјан и на просторот над „Туристичка“ во длабочина од 50 метри, како и во туристичките локалитети од каналот Студенчишта до Свети Наум. Оваа забрана важи од 1 јули до 31 август. За кого како.
OhridNews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com