Скутерџиите се револтирани од одлуката за времена забрана за пловидба на скутерите по Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, во периодот од 11 до 18 часот. Според нив одлуката која важи до 20 август е дискриминаторска и со неа не се решава проблемот со безбедноста на Охридското Езеро.


-Испаѓа дека ние сме највиновни и за некој кој создава проблеми во езерото сега патиме сите. Тоа не е во ред затоа што неодговорните скутерџии треба да се санкционираат, а не сите да се казнуваат, вели Гоце Цветаноски. Според него одредбата е донесена во погрешно време, сред сезона, без да се информираат скутерџиите. Тој вели дека  ваквата одлука ќе ги избрка скутерџиите, пред се странците, кои доаѓаат да уживаат на Охридското Езеро, бидејќи, како што рече пред 11 и после 18 часот нема услови за возење скутер.


Зачуден од одлуката е и Златко Наумоски, кој 5 години вози скутер. Според него одлуката за забрана е апсурдна, и со неа се ограничува движењето по Охридското Езеро.

-Тоа е исто кога некој вози автомобил со преголема брзина, се казнува тој, а не се исклучуваат од сообраќај сите автомобили, вели Наумоски. Тој вели дека проблемот со безбедноста може да се реши со поголема контрола, а не со забрани. Наумоски посочува дека сите скутерџии ги имаат регистрирано своите пловила и во нив имаат инвестирано многу пари, а во зародиш била и идеја да се формира клуб на скутерџии во Охрид.


Од Охридската капетанија се децидни дека одлуката за забрна мора да се почитува.

-Против секој кој нема да ја почитува забраната ќе бидат преземени соодветни законски мерки и санкции, рече капетанот, Љупчо Настоски. Според него 90% од регистрираните прекршоци на Охридското Езеро се направени од скутерџиите, поради што е донесена мерката за времена забрана.


Скутерџиите од Капетанијата побараа да иницира повлекување на забраната, во спротивно тие најавија дека ќе ги извадат скутерите на суво и во знак на протест ќе го блокираат сообраќајот во Охрид, а најавија и тужби против капетанијата и ресорното министерство.

Ohridnews