Министерството за транспорт и врски денеска треба официјално да соопшти кој ќе го врши извлекувањето на бродот „Илинден“ од водите на Охридското Езеро. Како што дознаваме најсериозно била земена во предвид понудата на една  хрватска компанија.

Извлекувањето на брородот ќе биде направено од страна на специјализирана фирма на барање на Комисијата за истражување на причините за потонувањето на бродот „Илинден“. Извлекувањето најверојатно ќе се врши со воздушни балони за да се избегне евентуално оштетување на бродот кој се наоѓа на длабочина од околу 6 метри.


Бродот „Илинден“ на 5-ти септември потона во Охридското Езеро во близина на кампот Елешец, при што загинаа 15 бугарски туристи. Несреќата ја истражуваат судот и меѓународна комисија, која треба да ги утврди причините за големата трагедија. Според првичните неофицијални информации од истрагата причина за потонувањето на бродот „Илинден“ е кинењето на сајлата од системот за управување, претовареноста на бродот и дополнително изградената горна палуба која ја нарушила стабилноста на пловниот објект. Индициите треба да ги потврди или отфрли вештачењето кое треба да се изврши по извлекување на бродот „Илинден“ на копно.

Ohridnews