Судското рочиште за случајот со родилката од Дебар Јилдз Веапоска, на која при породување со царски рез во Струшката болница и беа извадени три органи, во Основниот суд во Струга денеска беше одложено поради отсуство на повиканиот вештак.
Доктор Драги Дабески од Клиниката за гинекологија и акушерство, не присуствувал на денешната расправа поради користење годишен одмор надвор од државата. За продолжување на судскиот процес странките ќе бидат известени писмено поради пензионирање на судијата Живко Аврамовски и избор на нов судија кој ќе го води случајот.
Адвокатот на оштететната Веапоска, Сашо Јанев посочи дека првиот судија за овој случај се пензионирал, па процесот бил вратен од почеток. По најавата за пензионирање и на актуелниот судија, заклучи дека сите бегаат од предметот, кој го нарече врел костен, но на крај очекува осудителна пресуда.
Првиот судечки судија отиде во пензија, сега и овој најави дека ќе оди во пензија. Тоа се оправдани причини за промена на советот, но не се доволно добри за овој случај. Генерално овој врел костен никој не го сака во свои раце и тоа се случува. Сите бегаат од предметот, но нема каде да бегаат. Еден ден ќе падне пресуда и јас гарантирам дека таа пресуда ќе биде осудителна. Нема каде да бегаат од вистината и правдата, ако се огрешиле кон законот мора да одговараат, рече Јанев по излегувањето од судницата.
Интенција на одбраната, нагласи тој, е да стартува со супер вештачење, со забелешка дека судскиот процес веќе е одолговлечен.
Веапоска пак нема никакви очекувања, вели дека не верува во судот и во исказот на докторот Дабески, кој, според неа, е на страна на обвинетите и направил спротивно вештачење од тоа на Институтот за судска медицина.
Правдата колку години ќе ја барам во овие судски врати незнам, зошто доста сум физички оштета, половина човек сум и психички ќе се пореметам. Додека сум жива нема да се откажам од правдата. Незнам колку ќе бидам жива и психички ќе можам да го издржам сето ова малтретирање во овој суд, изјави Веапоска.
Потенцираше дека во вештачењето на Дабески има за бубрегот, матката и извадените органи и има донесено заклучок дека докторите професионално си ја вршеле работата и дека ако не ја завршеле работата ќе дошло до смртен исход.
Но, и тоа што го направиле докторите и органите што ги извадиле не ја завршиле и таа работа, зошто ако ја завршија таа работа професионално и совесно немаше да бидам повторно на хируршка интервенција на скопските клиники и уште еднаш да се прави интервенција за да се затвори таа оштетена бубрежна артерија, додава Веапоска.
Судскиот процес за родилката од Дебар, на која и беа отстранети матка, јајник и бубрег по породувањето со царски рез во Струшката болница против тројцата лекари, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска почна во јуни минатата година.
OhridNews