Поради отсуство на обвинетите денес во Основниот суд во Струга не се одржа првото рочиште од судскиот процес против тројцата лекари, кои се товарат за несовесно лекување и вадење органи на родилката Јилдиз Веапоска.
Оштетената Веапоска вели дека не ни очекувала дека денес ќе се виде лице во лице со тројцата лекари, потенцирајќи дека две години ја бара правдата по судски врати.
Овие две години многу лош период имав, се опоравувам, но психички и не сум добра и чувствувам болки. Докторот се брани со тоа дека совеста му е чиста и не направил ништо, ми го спасил живот. Но, каков живот ми спаси кога јас сум половина човек. Јас сум без органи и каква чесност има тој доктор. Тој како ќе ме погледне мене во лице. Треба да му се одземе лиценцата за работа и да не работи веќе да не осакатува други жени рече Веапоска.
Адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев вели дека колку и да се одлага предметот неможе да се избегне од фактот дека неговата клиенткна е останата без три органи во Струшката болница и очекува позитивен исход.
Може да одлагаат колку сакаат, но факт е дека судењето мора да почне. Се работи за кривично дело, несовесно лекување на болни и максималната казна е до пет години. Судот и обвинителството си ја знаат својата работа и очекуваме позитивен исход, односно оние кои го сториле кривичното дело да одговараат пред закаонот, изјави Јанев, по одлагањето на рочиштето. Тој очекува да заврши две годишната агонија за неговата клиентка и оти е ја почитуваат одлуката на судот, рече Јанев.
Лекарската комора првично, за случајот со родилката Веапоска, утврди дека нема лекарска грешка, но по спроведена постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен предлог против три лица.
ОЈО во мај информираше дека првообвинетиот како лекар – специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот како лекар – специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата како лекар – гинеколог акушер, вработени во Јавната здравствена установа – Медицински центар – Струга, при укажување лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување врз пациентка – родилка од Дебар, со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба.
Родилката била примена на 27.08.2020 година заради породување на гинеколошкото одделение, бидејќи била во 40-тата недела од бременоста. Ја примил првообвинетиот кој ја водел како пациент во текот на целата бременост и донел одлука породувањето да биде извршено со царски рез. При операцијата му асистирал второобвинетиот, но при изведувањето на царскиот рез тие ја оштетиле левата бубрежна артерија.
Како резултат на ова оштетување дошло до влошување на здравствената состојба на пациентката, која била нестабилна, но и покрај тоа обвинетите не презеле никакви мерки за утврдување на причините за влошување на нејзината состојба. Со терапијата која и ја дале дополнително ја влошиле состојбата на пациентката и задоцниле со реакцијата, поради што кај неа настанала огромна загуба на крв и западнала во состојба на шок.
Во такви услови, првообвинетиот со асистенција на третообвинетата се решиле да извршат нов оперативен зафат за да го спречат крварењето, да и ја отстранат матката и левиот јајник иако на овие органи немало никакви промени или повреди. Откако и по затворањето на пациентката крварењето не престанало, тие се решиле за уште еден оперативен зафат при што хирурзите откриле дека крварењето доаѓа од оштетувањето на бубрежната артерија предизвикано при царскиот рез. Заради неможноста да се реконструира бубрежната артерија, таа морала да се подврзе и да се отстрани левиот бубрег со цел да се спаси животот на оштетената. Кога тоа било направено и крварењето било запрено, пациентката била препратена на лекување на Државната клиника „Мајка Тереза“ во Скопје, наведоа од ОЈО.
OhridNews