Во Oсновниот суд во Струга денеска требаше да се одржи првото рочиште од повторениот судски процес против британскиот државјанин Николас Морли. Денешното рочиште е одложено, поради непојавување на обвинетиот Морли во струшкиот суд.

Судот во Струга во јуни 2007 година, Николас Морли го прогласи виновен за  предизвикување на тешката сообраќајна несреќа во која смртно настрада брачниот пар Чепуњоски од Струга и го осуди на 2 години условно. Апелациониот суд во Битола ја поништи ваквата одлука и  случајот го врати на повторно разгледување во првостепениот суд.

Апелација ја прифати жалбата на адвокатите на Морли, кои го оспорија судското вештачење, врз основа на кое беше изречена пресудата и побара да се изврши ново вештачење за сообраќајната несреќа што се  случи на 2 мај 2007 година на магистралниот пат Струга – Ќафасан, кога Морли како учесник на меѓународното рели „Гамбол 3000“ со своето порше се судри со автомобил голф во кој се наоѓаа сега покојните Чепуњоски. Вештачењето тогаш утврдило дека Морли во критичниот момент го управувал своето возило со брзина 161,6 км. на час, наспроти наводите на одбраната која тврдеше дека поршето се движело со 75 киломентри на час. 

На Николас Морли, може да му се суди и во отсуство, а одлуката кога и како ќе продолжу судскиот процес ќе ја донесе Кривичниот совет кој го суди предметот.

Ohridnews