Новогодишната елка висока 8 метри требаше вечерва да  светне на плоштадот во центарот на Охрид. Симболично, како што веќе и најавивме,  светилките требаше да ги запали градоначалникот Александар Петрески, но поради недоаѓање на специјалната екипа за осветлување од Скопје, овој чин се одлага, соопшти попладнево локалната самоуправа.

Во меѓувреме, ништо од најавите дека поп дивата Калиопи ќе биде ѕвездата која ќе ги забавува охриѓани и бројните гости  за Нова Година на градскиот плоштад. Неофицијално Калиопи побарала 15.000 евра, пари кои општината  ги нема. Оттаму велат дека градот ќе ја одбележи Новата година достоинствено но скромно. Се преговата со еминентни музички имиња, а изборот е стеснет меѓу Кристина Арнаудова и Александра Пилева, но не е исклучено и друго решение, велат од организацискиот одбор.

И додека локалната има многу дилеми, хотелиерите се на слатки маки. Капацитетите се исполнети 90%, а резервирани се и голем број приватни апартмани, ресторани и кафе барови. И оваа година во Охрид најмногубројни ќе бидат гостите од соседството , а поради скратеното празнување кај нас, бидејќи 2 јануари е работен ден, се очекуваат и голем број домашни гости.

ohridnews