Одложено денешното рочиште во Струшкиот суд за случајот со родилката од Дебар Јилдз Веапоска против тројцата лекари од струшката Болница, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, обвинети за отстранувањето на три органи.

За одбраната спорно е супер вештачењето бидејќи во тимот кој го изготвувал решението двајца од тројцата членови не биле од Медицинскиот факултет во Скопје. Како што посочија еден член е од Медицинскиот факултет од Скопје, еден од Медицинскот факултет од Штип и една докторка која имала своја приватна здравствена ординација. Потенцираа дека вештачењето не е изработено од институцијата на која и е доверено, па како такво претставува доказ на кој во иднина неможе да се заснова било каква пресуда.

Воедно, одбраната предложи судот да се обрати до Медицинскиот факултет од Скопје за образложение како тоа се случило.

Судијата Јордан Јованов појасни дека приговорот се однесува на тоа дека се повикувани надворешни членови, но и истакнато е дека тој што е носител на тимот е дел од Судско-медицинскиот одбор на кого е доверено вештачењето.

Сега ќе треба од страна на институцијата да се произнесат дали при формирањето на тимот имало некакви пречки, поради што се барани надворешни членови или се прескокнати членовите од некоја неоправдана причина. Заради таа цел го дадовме на произнесување и откако ќе го добијам одговорот ќе одлучам дали вештачењето ќе биде прифатено како доказ или не. Делото застарува во 2026 година, сеуште има време. Следното рочиште е за еден месец што сметам дека е набрзо за да бидеме експедитивни, рече Јованов.

Оштетената Веапоска посочи дека очекува правда и одговорност за лекарската грешка.

Очекувам и барам од судот, судијата и обвинителката да има пресуда и да има затвор. Да нема условна казна и еднаш за секогаш да знаат докторите дека ако има лекарска грешка треба да одговараат, да имаат одговорност за секое сторено кривично дело, вели Веапоска.

Адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев, истакна дека одбраната совршено си ја врши својата работа, но одбраната кога ќе е во очај, презема очајнички чекори.

Тоа се случи денес. Обвинитетите во оваа постапка нема да избегнат одговорност, бидејќи забораваат еден факт, јас сум полномошник на оштетената. Ова не е прво супер вештачење, јас не верувам дека Медицински факултет ќе направи таков аматерски почетнички чекор што ќе се рефлектира како штетен настан по однос на супер вештачењето. Овде суштината е што супер вештачењето покажува кој направил пропусти во оперативниот зафат. И не треба ние да се грижиме. Рокот за застареност на делото уште трае. Ви гарантирам дека ќе има пресуда. Длабоко верувам дека ќе има осудителната пресуда од сторителите на ова дело, посочи Јанев.

Инаку, судскиот процес со родилката од Дебар Јилдз Веапоска, на која по породувањето со царски рез, во Болницата во Струга и беа отстранеи матка, јајник и бубрег почна во 2022 година и досега се променија тројца судии.

Н.С.Ј.