Преговорите помеѓу општината Охрид и ЕВН најавени за денеска во Охрид, нема да се одржат, дознава ohridnews. Информацијата ја потврди локалната самоуправа од каде информираат дека денеска нема да има преговори со претствниците на ЕВН околу милионскиот долг на МЈП „Проаква“ за потрошена електрична енергија. Преговори ќе има кога ќе каже ЕВН но не во Охрид туку во Скопје изјави градоначалникот Александар Петрески. Тој е оптимист дека ќе се изнајде решение за ситуацијата и дека 150.000 граѓани на Охрид и Струга нема да останат без вода за пиење.
Преговорите околу долгот на Проаква одложени
Општината останува на понудата долгот да се реши со компензација за 15 трафостаници за кои таа тврди дека се во нејзина сопственост, што за ЕВН во досегашниот дел од преговорите беше неприфатливо. По предупредувачкото исклучување на „Проаква“ во петокот општината се закани дека ќе ги стави под контрола трафостаниците кои таа ги изградила и нема да им дозволи пристап до нив на екипите на ЕВН.
Градоначалникот Петрески на одговорност ја повика и владата, која како што рече, не покажува интерес за решавање на проблемот иако најголемиот дел од долгот се однесува на колекторот кој е од државен интерес.
Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко пак воопшто не стравува од евентуалното исклучување на Проаква од електро системот. Според него тоа нема да влијае на водоснабдувањето на Струга биде подготвено е алтернативно решение. Бунарите и агрегатите се во приправност и нема опасност од прекин во водоснабдувањето, смета Мерко
ohridnews