Лошите временски услови ги одложија за утре квалификациите за 16-та трка во Ф1 првенството, Големата награда на Јапонија. Поради силниот дожд, организаторот реши квалификациите за трката да се возат утре во 10 часот по локално, односно 3 часот по средноевропско време.
„Поради дождот и големата количина на вода на патеката не смеевме да дозволиме квалификациите да за одржат. Најдобро решение е квалификациите да бидат возени утре, бидејќи не постои правило колку време треба да помине помеѓу квалификациите и главната трка“, изјави директорот на трката Чарли Вајтинг и дополни дека до почетокот на квалификациите тимовите ќе можат да работат на своите болиди.
Поради силниот дожд мал број на возачи излегоа на патеката во Сузука, а само Хаиме Алгуерсуари на Торо Росо и Тимо Глок на Форс Индија комплетираа цел круг.
Последен пат квалификациите за една трка во шампионатот на Ф1 беа одложени во 2005 година во Монако. Во Сузука, поради тајфунот Ма-Он, квалификациите беа одложени и во 2004 година.
Во случај квалификациите да не се одржат и утре, тогаш поредокот на стартот ќе биде одреден според броевите, во случајов од првиот ред би стартувале возачите на Мекларен, Батон и Хамилтон.
Трката за Големата награда на Јапонија, 16-та во шампионатот на Ф1, треба да се вози во недела со почеток во 8 часот по средноевропско време.
“Извор Макфакс“
OhridNews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com